
По 18 години од откривањето и 17 години од геомагнетните истражувања „Завод и Музеј Струмица“ деновиве почна со првите археолошки истражувања на локалитетот Ќеразлк во село Баница, кај Струмица, информираа од оваа установа.
Според информацијата, стручниот тим, со кој раководи Ване П.Секулов, археолог советник, а во чиј состав се д-р Душко Цветанов, Зорица Костадинова и Даниела Дончева, во моментот работат на дооткривањето на калдариумот, најжешката просторија, односно сауна од бањата.
Досега е откриен габаритот на калдариумот и дел од системот за загревање, како што се префурниумот односно просторијата каде се загревала водата и дел хипокаустот, системот за загревање на сауната. Од хипокаустот се откриени кружни столпчиња, суспенсори, носители на висечкиот под како и две колонади низ кој струел топлиот воздух за загервање на подот. Исто така е откриен и дел од системот за загревање на ѕидовите составен од цевки со елипсовидна форма кои се уште стојат прилепени на ѕидовите, се наведува во информацијата.
Од „Завод и Музеј Струмица“ посочуваат дека се уште е рано да се изведуваат заклучоци, со оглед на раната фаза на истражувањето. Сепак, сите индиции наведуваат на тоа да се размислува дека калдариумот, односно сауната, е дел од приватна бања која најверојатно е во состав на поголем полски имот, villa rustica, во соспственост на богат граѓанин кој преку зима живеел во античкиот град кој се наоѓал под денешна современа Струмица а летото го поминувал на својот имот.
Исто така во моментот ќе се воздржиме од прецизното датирање кога бањата односно полскиот имот егзистирал, но ако се суди според аналогијата на аркадното решение на подното загревање, кое е идентично со судаториумот во Големата бања во Бања Банско тогаш може, иако неофицијално, да се датира во 3 век од нашата ера, се додава во информацијата.
НУ „Завод и Музеј Струмица“ изразува голема благодарност на Роберт Митев кој не само што дозволил да се вршат археолошки истражувања на неговиот имот, туку цели 18 години е чувар на ова место кое ги има сите предиспозиции да прерасне во уште еден значеаен локалитет, кој сведочи за богатото историско и културно минато на Струмица и неговата непосредна околина.
Инаку, истражувањата се дел од годинешната програма на НУ „Завод и Музеј Струмица“, сектор музеологија и се финансирани од Министерството за култура и туризам.