
Во Собранието се одржа конститутивна седница на Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од Планот за раст. Иницијативата за оваа Група беше поднесена во октомври минаната година и истата беше прифатена од сите партии, информираат од собраниската-прес-служба.
На денешното нејзино конституирање, формално за претседател на Групата, едногласно бил избран потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на предлог на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Милошоски се заблагодари за довербата и вети што повеќе активности на Групата. Тој истакна дека формирањето на оваа Група е од исклучителна важност за Собранието за обезбедување парламентарен надзор и поддршка во спроведувањето на клучните реформски обврски што произлегуваат од Берлинскиот процес и новата реформска агенда од Планот за раст, како стратешки приоритети на државата. Во насока на нејзино поуспешно делување, предложи членување не само на моменталните 29 пратеници, туку и на невладини организации, се вели во соопштението од Собранието.

Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од Планот за раст ќе се занимава со степенот на реализација на обврските поврзани со Заедничкиот регионален пазар, јавните и надзорните расправи со претставници на извршната власт, а во врска со проектите кои се дел од целите на Берлинскиот процес, со претставување на Собранието на регионални и меѓународни настани организирани во рамките на Берлинскиот процес, како и со други активности поврзани со Планот за раст на Европската комисија.
Во Берлинскиот процес учествуваат 9 земји членки на ЕУ, како и Велика Британија, а од пред една година не се вклучени само владите, туку и парламентите. Во моментов со Берлинскиот процес претседава Германија, но од јуни претседавањето ќе го презеде Велика Британија.