Skip to main content

Град Скопје ги ослободува од комуналии младите брачни парови до 40 години кои сакаат да изградат куќа

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави посебна мерка за полесен почеток и поддршка на младите семејства во Скопје. Со оваа мерка, младите брачни двојки до 40 години и самохраните родители што сакаат да изградат свој дом ќе бидат ослободени од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје – односно 60 отсто од вкупните комуналии, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план на градот.

Сопствениот дом е темел врз кој се гради едно семејство. Место каде што почнуваат заедничките планови, каде што растат децата и каде што иднината добива своја адреса. Затоа, младите што сакаат да го изградат својот дом заслужуваат силна и конкретна поддршка од Град Скопје. Успешната практика што ја воспоставивме во Кисела Вода, првпат во историјата на државата, сега ја пренесуваме и во Град Скопје. Она што го ветив во мојата програма го претвораме во реална помош за семејствата – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека доколку сите скопски општини се приклучат со ослободување и од својот дел, оваа поддршка ќе достигне 100 отсто ослободување од комуналии.

Ги повикувам сите мои колеги градоначалници да застанеме заедно зад оваа цел и да им го олесниме патот до сопствен дом на што повеќе семејства. Имаме можност да оставиме нешто вредно зад себе – повеќе семејства со сопствен покрив над главата и со поголема сигурност за утрешниот ден. Помал финансиски товар при изградбата значи повеќе средства за уредување на домот, за потребите на децата и за посигурен почеток на заедничкиот живот. Како што ветив, младите ќе имаат подадена рака од мене и од Град Скопје. Ќе ја имаат поддршката што им е потребна токму кога ги прават најважните животни чекори. Сакам младите тука да го градат својот дом, тука да ги растат своите деца и тука да ја гледаат својата иднина. Наша обврска е да создадеме услови за тоа. За Скопје во кое младите имаат иднина – рече Ѓорѓиевски

Градоначалникот Ѓорѓиевски нагласи дека оваа мерка е директна инвестиција во младите, во сигурноста на семејствата и во иднината на Скопје.

Мерката ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во службените гласила, а барањето за аплицирање ќе биде достапно на веб-страницата на Град Скопје.

Поврзани вести