
Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, како и суштински дискусии и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес во Црна Гора.
– Денеска очекувам многу силни пораки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. Секако, тука ја вклучувам и мојата земја. Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите – изјави Мицкоски пред почетокот на Самитот.
Тој најави дека во своето обраќање ќе ја истакне силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција, посочувајќи дека Владата и во иднина ќе продолжи да дејствува во таа насока.
– Во моето обраќање ќе ја претставам и ќе ја пренесам пораката за силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција. Практично, такво е и досегашното дејствување на мојата Влада и ќе продолжиме да се движиме по тој пат и во иднина – истакна Мицкоски.
Тој се осврна и на актуелните глобални предизвици, меѓу кои ги посочи војната во Украина, војната со Иран, кризата на финансиските пазари и протестите низ Европа.
– Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век: руската војна во Украина, како и војната со Иран, кризата на финансиските пазари, протестите низ цела Европа и сè што е поврзано со нив. Затоа, мораме да најдеме начин да излеземе од оваа ситуација во светот, особено во Европа, а мојата Влада е силно посветена да придонесе во таа насока – рече премиерот.
Тој изрази надеж дека денешните разговори во рамки на Самитот на Берлинскиот процес ќе бидат суштински и ќе резултираат со конкретни и плодни резултати.

Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој ќе се разговара за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија.

Македонски

