
На седницата на Собранието посветена на пратенички прашања, премиерот на Владата, Христијан Мицкоски одговараше на прашање посветено на имотот на политичката партија Левица и свесното изигрување на законот.
Јас би сакал на денешната седница да одиме чекор понатаму да ја информираме јавноста за т.н. подрум, кој не ќе да е само подрум, туку има и приземје – рече премиерот надополнувајќи ја информацијата за имотот на партијата Левица која ја обзнани на претходната седница за пратенички прашања.
Тој на говорницата покажа и фотографии од објектот и посочи дека во истиот тој локал е регистрирано и друштво за угостителство и услуги.
На ова место, кое не ќе да е подрум, над земја три-четири метри е регистриран локал, односно друштво за угостителство и услуги „Павилјон 36“ ДООЕЛ Скопје. Регистриран е на истата адреса каде што се наоѓа подрумот или сутеренот. Дури и си направиле профили по социјалните медиуми, прилично слични на профилот на една политичка партија. Кога малку ќе истражите и ќе ја извадите тековната состојба, покрај тоа што уплатиле 5000 евра во кеш за регистрирање на ова друштво за угостителство и услуги, се јавува како сопственик лицето Зоран Ивановски. Тој се јавува како управител, како менаџер и ја регистрирал оваа фирма, која се занимава со дејност ресторани, но и дејности на интернетски портали. Тоа е подружницата од ова друштво- истакна премиерот.
Мицкоски дополни дека лицето Зоран Ивановски е дел од претседателството од Левица и е дел од управниот одбор на скопкски водовод, а на интернет има и негови фотографии со претседателот на политичката партија Левица.
Еве како се трошат парите на членовите на политичката партија Левица. Но тоа не е се. Ако ги слушате последните искази од случајот поврзан со Палевски и сведочењата таму, ќе слушнете дека тие се среќавале во штабот на партијата Десна, кој што бил во објектот Опера Хаус, а објектот Опера Хаус е токму овој објект – рече премиерот Мицкоски и продолжи: за другите детали нема да зборувам. Се надевам ќе има и други пратенички прашања и се надевам ќе ме почестат со нивното присуство. Јас сум подготвен на македонската јавност и на поддржувачите на Левица да им разоткријам дека не е баш така како што некој сака да ги прикаже работите.
Премиерот Мицкоски од говорницата истакна дека овие работи ги кажува е да ги разоткрие неколкумина скапо платени таканаречени левичари кои со дејствувањето нанесуваат трајна штета на ткивото на македонскиот идентитет.
Од сега па натаму, сум подготвен да разговараме и за тоа, да видиме кој, што, како и каде, и за мене. Па ќе се вратиме малце и на патните трошоци, ама ќе се вратиме и на патните трошоци од партијата кои што ги земале и кога ги земале и колку земале и кои земале- заклучи премиерот Мицкоски.