
Заклучно со 23.04.2025 година во архивата на Министерството за локална самоуправа доставени се вкупно 450 апликативни формулари од 63 општини за проекти финансирани од Владата. Задоволни од процесот на вториот повик, интересот на општините и фактичката состојба на терен која влева надеж дека системската стратегија на Владата покажува дека се работи за подобрување на условите за живот на сите граѓани во целата земја – посочи министерот за локална самоуправа, Златко Перински на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека 36 општини аплицирале со проекти во вредност од максимумот на финансиски средства кои им следуваат согласно формулата по глава на жител, 27 општини имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума, а 17 општини воопшто немаат поднесено апликативни формулари.
Да појаснам, 27 општини поднеле апликации, но имаат простор за достава на уште апликации, со оглед на предвидената максимална сум по критериумот, по глава на жител – додаде Перински.
Општини кои воопшто не аплицирале заклучно со вчерашниот датум се: Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево и Долнени.
Перински упати апел до сите локални самоуправи да ја искористат оваа можност и да го запазат законски предвидениот рок за пријавување кој согласно одлуката на Владата е 30.04.2025 година.
На крајот, сакам да нагласам дека оваа програма претставува клучен чекор во трансформацијата на локалните самоуправи и целокупниот развој на земјата. Владата со конкретни мерки и дела покажува дека е безрезервен партнер на сите општини, со силна посветеност за остварување на овие цели. Со заедничка и координирана работа, можеме да изградиме понапредна инфраструктура што ќе создаде и подобрени услови за живот од повеќе аспекти.
Исходот од првиот повик веќе јасно потврдува дека нашите намери се реални и дека оваа програма не е само теорија, туку и практичен механизам за промените што веќе се случуваат на терен.
Затоа, ги повикувам сите општини да ја искористат оваа значајна можност, бидејќи заедно, како партнери, можеме да создадеме подолгорочни и одржливи решенија за иднината на нашите граѓани – додаде Перински.