Skip to main content

Изложба и уметничка средба „Никогаш незаљубен“ денеска во Францускиот институт- Скопје

Француски институт- Скопје

Францускиот институт во Скопје организира изложба и уметничка средба насловена „Никогаш незаљубен”, која ќе се одржи во понеделник, 28 април 2025 година, со почеток во 18:00 часот, во Францускиот институт во Скопје. Автор на изложбата е уметникот Дарко Алексовски, а куратор на истата е Мелоди Робин.

Настанот ќе биде проследен со уметничка средба за креативниот процес и делата и делата.

Оваа изложба претставува можност да се запознаете со делата на визуелниот уметник Алексовски, чија уметничка практика се формира на преку работа со слики и креативно пишување. Тој за оваа изложба, преку две меѓусебно поврзани дела: „Љубовни писма до осаменоста” и „Бранови”, ги отсликува размислите за љубовта, сеќавањето и променливоста на човечките врски.

Изложбата комбинира писма напишани на машина за пишување и серија цртежи во голем формат кои создаваат асоцијативен морски пејзаж, евоцирајќи битовo сликарство.

Ова дело на Алексовски е веќе изложувано во студиото на Private print, како и во галерии во Сплит и Марибор, со адаптација на поставката.

Оттука, делото секогаш добива нова форма.

Во интервјуто за емисијата Стереофранс, Алексовски вели :

Она што овој пат ми е особено интересно во целиот процес, за оваа верзија на проектот, е токму изложбениот простор во Францускиот институт во Скопје, односно витрината, која на еден интересен начин ја означува таа дихотомија помеѓу отворениот и затворениот простор, и начинот на кој делата ќе можат цело време да се видат, односно писмата ќе можат во секое време да се прочитаат, независно од работното време на институтот. Голем дел од проектот, односно самата содржина на писмата, ги содржи тие чувства на ранливост, тие чувства на невозвратена љубов, така што интересно ќе биде да се види како публиката реагира, односно како публиката ги чита и восприема писмата додека трае изложбата…“

Во рамките на својата посветеност кон локалната уметничка сцена, Францускиот институт во Скопје ќе продолжи да организира изложби и уметнички средби на уметници од домашната сцена.

Ги покануваме сите љубители на уметноста да ни се придружат и да бидат дел од овој инспиративен настан.

Поврзани вести