
Министерството за внатрешни работи постапува на терен за приведување на уште седум полициски службеници, а во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
-Во рамки на предистражна постапка МВР постапува на терен во врска со обезбедување на полициски службеници, до ОЈО ГОКК е доставена кривична пријава, информираат од ОЈО ГОКК и МВР.
И од Обвинителството и од МВР повеќе информации се најавуваат во текот на утрешниот ден.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вечерва во „Топ тема“ на ТВ Телма истакна дека издадена е наредба за приведување на уште седум полициски службеници.
-Во однос кои се тие полициски службеници и што се дел од истрагата, јавното обвинителство за дел веќе има отворено истрага, меѓутоа еве ќе кажам во моментов, ми јавуваат, дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка, истакна Коцевски и додаде дека истрагата се проширува.
Државниот јавен обвинител не ја исклучи можноста да бидат приведени и други полициски службеници до завршување на истрагата.
Претходно, беше поведена истрага за седум полициски службеници.
Во пожарот во дискотеката во Кочани загинаа 61 лице, а 193 беа повредени.