Skip to main content
„Разговори за иднината во 12:05“

Политичката борба за полноправно членство во ЕУ не подразбира безусловна подготвеност на национални отстапки кои не ги одобрува високото мнозинство на македонскиот народ

САМО СО ВИСТИНСКО ОБЕДИНУВАЊЕ НА ПРОГРЕСИВНАТА ОПОЗИЦИЈА СЕ МЕНУВААТ ДЕСНИЧАРСКИТЕ ПОПУЛИСТИ НА БАЛКАНОТ, коментираат од иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ по вчерашните избори во Србија и Бугарија

На граѓаните и државјани на Србија им честитаме за високиот одзив за гласање што е уште една потврда колку е важно демократските промени и процеси да бидат рефлексија на слободно изразена волја. Честитки до „Студентската листа“ за својата истрајност, упорност и принципиелност со што ја освоија довербата на големото мнозинство на Српскиот народ и ја добија честа и одговорноста да раководат со Република Србија во наредниот период. Добивме уште еден пример после Унгарија дека граѓаните се уморни од традиционалните политички опции, долгогодишните професионални политичари и корупциски профитери. Затоа се приклонуваат кон автентични политички коалиции на прогресивната демократска јавност. Земајќи предвид дека без малку цели две години во Србија се практикуваше улична демократија која предизвикуваше драматични политички тензии, сега после демократската смена на власта, посакуваме брзо нормализирање на внатрешните состојби кои се предуслов за стабилност во целиот регион.

Историски најслабиот одзив во првиот круг на претседателските изборите е ехо на Бугарскиот народ за актуелната политичка понуда. Очекуваме, откако го злоупотреби бегството на Ива Михајлова во својата кампања, Претседателката Илијана Јотова да покаже политичка мудрост и во пресрет на вториот круг да иницира постапка за нејзина брза екстрадиција во Македонија и соочување со правдата. Земајќи предвид дека во моментот кога се потпишуваше фамозниот Договор за добрососедство Јотова беше потпретседателка на Румен Радев, таа има морална одговорност да ја прекине спиралата на непотребни провокации од официјална Софија. Во спротивно, доколку и во кампањата за вториот круг се пласираат радикални ставови со кои драматично се нарушуваат  билатералните односи, кандидатите треба да бидат свесни дека со таквиот пристап во Македонија го зголемуваат внатрешниот притисок за преиспитување на Договорот за добрососедство.

После вчерашните парламентарни и претседателски избори во Србија и Бугарија, може да го заклучиме дека:

  • Политичката борба за полноправно членство во ЕУ не подразбира безусловна подготвеност на национални отстапки кои не ги одобрува високото мнозинство на Македонскиот народ. Млаките реакции за провокациите на официјална Софија не ја приближуваат Македонија до ЕУ туку го разјадуваат македонското национално ткиво создавајќи внатрешни поделби заради кои речиси е невозможно да се постигне консензус за неопходните внатрешни реформи кои го надминуваат мандатот на една или друга политичка Влада;
  • Политичките процеси кај нашите соседи се повик за исполнување на предизборното ветување за воведување на една изборна единица со отворени листи. Оваа клучна реформа на нашиот политички систем треба да се случи пред следните парламентарни избори;
  • Во Македонија студентите и генерално младите, без разлика на нивната етничка и верска припадност и колку во моментот се потценети од традиционалните партии, поседуваат интегритет и капацитет да бидат значаен фактор во политичките промени;
  • Уште еднаш се потврди дека без вистинско обединување на целокупната опозициска прогресивна демократска јавност е речиси невозможно да се победат десничарските популистички власти на Балканот.

Поврзани вести