Skip to main content

Бесплатни превентивни прегледи и мерења во Скопје по повод Светскиот ден на мозочниот удар

По повод Светскиот ден на мозочниот удар, 29 октомври, ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје организира серија активности со цел подигнување на јавната свест за превенцијата, раното препознавање на симптомите и навременото лекување на ова сериозно здравствено состојба.

Во рамки на одбележувањето, на 27 октомври, од 10 до 12 часот, пред платото на Пелистер на плоштадот „Македонија“ во Скопје, граѓаните ќе имаат можност да направат бесплатни превентивни мерења на крвниот притисок, шеќерот и холестеролот во крвта, како и проценка на ризикот од мозочен удар.

Следниот ден, 28 октомври, од 11 до 13 часот, на Универзитетската клиника за неврологија ќе се одржи Отворен ден за граѓаните, во чии рамки ќе се вршат бесплатни доплер-прегледи на каротидните артерии. Според најавата од Клиниката, прегледите се достапни за сите заинтересирани граѓани во наведениот термин, без ограничување на бројот на прегледи.

Централниот настан ќе се одржи на 29 октомври, со почеток во 10 часот, во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје. Настанот ќе биде посветен на значењето на превенцијата, навременото препознавање на симптомите и унапредувањето на здравствената грижа за пациентите.

На него ќе присуствуваат министерот за здравство, проф. д-р Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, м-р Златко Перински, како и в.д. директорот на Универзитетската клиника за неврологија, асс. д-р Јован Божиновски.

Мозочниот удар е сериозен јавно-здравствен предизвик, а брзото препознавање на предупредувачките знаци и навременото добивање медицинска помош се од клучно значење за намалување на последиците и спасување човечки животи.

Со овие активности, Клиниката има за цел да ги поттикне граѓаните редовно да ги контролираат ризик-факторите, да се информираат за симптомите и навреме да побараат медицинска помош.

При ненадејна појава на искривување на лицето, слабост на раката или нарушување на говорот, веднаш треба да се повика итна медицинска помош.

Поврзани вести