
Со свечена академија во Македонскиот народен театар, Природонаучниот музеј на Македонија денеска одбележува 100 години од своето постоење, јубилеј што го потврдува неговото значење како една од најстарите и најзначајни научни и музејски институции во земјата.
По повод стогодишнината ќе бидат доделени плакети на соработници, институции и компании кои дале значаен придонес во развојот на Музејот и во афирмацијата на природното наследство.
Со фонд од околу 400.000 музејски примероци, Природонаучниот музеј чува вредни сведоштва за геолошкото минато, растителниот и животинскиот свет и биолошката разновидност на земјава.
Основан во 1926 година, Музејот низ изминатиот век создаде и развиваше богати збирки од областа на геологијата, палеонтологијата, ботаниката, зоологијата и ентомологијата, зад кои стои работата на генерации научници, кустоси, препаратори и истражувачи.
Покрај научната и истражувачката дејност, значајно место во неговата работа има и едукацијата, преку која на младите им се доближуваат природните науки и се поттикнува свеста за заштита на природата и природните ресурси.
Стогодишниот јубилеј, според Министерството за култура и туризам, претставува и можност за натамошен развој и осовременување на институцијата. Годинава на Музејот му е доделен делегиран буџет со цел да се унапреди неговото функционирање и богатите збирки и научни сознанија да бидат претставени на подостапен и посовремен начин.

Македонски

