Skip to main content

„Светот што го избрав“ од Калина Малеска е Роман на годината за 2024

Романот „Светот што го избрав“ на писателката, професорката и книжевната преведувачка Калина Малеска (1975), во издание на „Или-или“, е годинашниот добитник на наградата Роман на годината, која се доделува по 26. пат, од страна на Фондацијата „Славко Јаневски“.

За мене е голема чест што сум добтничка на наградата „Роман на годината“ која претставува вистински промотор на романот како жанр. Чест ми е што многу прашања кои што ги сметам за важни, како што е образованието, односот кон другоста, кон различностите, општествените стигми, идентитетот, принудните релокации, еманципацијата и многу други теми кои ми беа важни и за кои многу размислував како да ги вообличам во еден книжевен текст, а тоа е овој роман, беа препознаени од страна на членовите на жирито и од страна на други читатели, изјави Малеска, која се заблагодари и на издавачот „Или-Или“ кој го препознал романот уште додека бил во зачеток.

Во образложението на жирито се вели дека станува збор за извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори.

Кус, концизен, маестрално напишан, „Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни се наметнал избор што не само не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага.

„Светот што го избрав“ од Калина Малеска е роман што освестува, охрабрува и дава надеж за еден подобар свет што секој сам мора да реши да го избере. Во таа смисла романот на годината би требало да го има во секој дом, во секоја лична библиотека, но и во секоја безбедна соба, институција и катче каде што човек прибегнува по помош или совет како да се продолжи понатаму кога се чини дека тоа е невозможно. Одлично напишан, со длабока човечка порака, „Светот што го избрав“ на Малеска е вистински избор за „Роман на годината“, стои во образложението на жири-комисијата во која членуваа Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева.

Малеска е писателка, професорка, книжевна преведувачка. Работи како професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија.

Авторка е на збирките раскази: „Недоразбирања“ (1998), „Именување на инсектот“ (2008), „Мојот непријател Итар Пејо“ (2016) и „Скопје во високата зона“ (2021); романите „Бруно и боите“ (2006), „Призраци со срмени нишки“ (2014) и „Светот што го избрав“ (2024); како и драмата „Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија“ (2010). Освен тоа, Малеска пишува и книги за деца, а досега ги има издадено „Арно ама“ (2018) и „Вонземјанинот Лу-Ру-Су“ (2021). Во 2020 ја објавува книжевната студија „Облици на моќ во современата книжевност“, а во 2023 монографијата „Визија, трансформација: Утопии, дистопии и други замислени светови (2023)“. Уредничка е на меѓународната збирка Awake not Sleeping: Reimagining Fairy Tales for a New Generation (2021) во која е застапена и со два расказа. Исто така е уредничка и коавторка на студијата Кон-текстот: дигитални осврти (самостојно издание 2023).

Нејзини раскази се преведени на неколку јазици и објавени во списанија во земјата и во странство, а учествувала и на повеќе македонски и меѓународни книжевни фестивали. Малеска исто така преведува книжевни дела.

Во најтесниот избор за наградата , годинава влегоа и двата романи од 43 пристигнати: „Простување“ од Кица Колбе („Или-или“), и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски („Антолог“).

Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, ( годинава за 50 отсто помалку од лани), а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје, која оваа година обезбеди финансиска поддршка од 360.000 денари, од кои 150.000 денари се парична награда за лауреатот, а останатиот дел е наменет за паричен надоместок за членовите на жири-комисијата, за плакета и оригинална статуетка.

Наградата на добитничката ќе и биде врачена во средината на мај годинава.



Поврзани вести