Skip to main content

ПСЖ сепак беше пресилен

 Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер со пораз вечерва од Пари Сен Жермен, 26:35 (13:18) и со осум освоени бодови, го заврши учеството во годинешната сезона од Лигата на шампионите.

Францускиот ракометен гигант рутински стигна до победата која ја најави уште на самиот почеток на натпреварот кога гостите поведоа со 7:3, а на крајот и славеа со девет голови предност. Највозбудливиот дел од средбата беше од 18 до 23 минута кога битолчани стигнаа до негатива од само еден гол (10:11 и 12:13), но тоа не беше доволно за пресврт.

Во вториот дел, интернационалците на Пари Сен Жермен продолжија без поголем напор, а кога резултатот беше видлив, двата шпански тренери, Алонсо кај домашните и Гонзалес кај гостите, одлучија на теренот да ги стават т.н. втори постави на тимовите кои објективната битолска публика ги награди со аплауз.

Најефикасни на средбата беа Пранди со осум и Кузмановски со седум постигнати голови, а во фер и коректен натпревар судиите од Чешка, Хорачек и Новотни, објективно го судеа вечерашниов дуел во Битола.

На другите средби од оваа група на ракометната Лига на шампионите: Веспрем-Берлин 32:33, Фредериција-Динамо 32:37 и Висла-Спортинг 29:28. 

Поврзани вести