Skip to main content

Традиционална изложба „Убавите жени во мојот народ“ утре во НУБ „Св. Климент Охридски“

По повод одбележувањето на интернационалниот ден на жената 8 Март, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје на 7 март (петок) во 12 часот ‘e ja отвори традиционалната изложба „Убавите жени во мојот народ“.

Изложбата ќе биде во холот на НУБ.

Авторки на изложбата се колешките: Марина Мијаковска, Елени Новаковска и Искра Димитрова.

На изложбата ќе бидат презентирани материјали од Збирката со современи авторски ракописи, Збирката за музичка уметност и Збирката за ликовни уметности при НУБ.

Од Збирката со современи авторски ракописи ќе бидат презентирани манускрипи од првите македонски писателки: Евгенија Шуплинова, Радмила Трифуновска, Светлана Христова-Јоциќ, Драгица Најческа и Гордана Михаилова-Бошнакоска. Исто така, ќе бидат изложени и првите печатени книги 📖 на овие авторки. Од Евгенија Шуплинова ќе бидат презентирани песните во ракопис: „Ти“; „Вечерна молитва“; „Допирнувања“; „Вечер ќе ти дојдам пак“ и „Сè“. Од Радмила Трифуновска ќе бидат изложени манускриптите „Апел“ и „Низ мене дете летна в небо“. Творештвото на Светлана Христова-Јоциќ ќе биде презентирано преку песните во ракопис: „Кобилица“; „Амкање“, „На камен“ и „Плашило“. Од Драгица Најческа ќе бидат поставени песните во ракопис Црвено“ и „Доцна“, а од Гордана Михаилова-Бошнакоска песните во ракопис: „Езеро“, „Нејзиното четврто писмо“; „Школка и бисер“ и „Да се спасиме од минливоста“.

Збирката за музичка уметност ке претстави дела на креаторките на македонската музичка и балетска сцена, преку аудио снимки (грамофонски плочи и компакт дискови), партитури, монографски публикации. Во спектарот на убавите жени ги издвојуваме: Милка Ефтимова, Нина Спирова, Есма Реџепова, композиторките Јана Андреевска, Дарија Андовска, како и научните работнички кои ја истражуваат и архивираат музичката и балетската уметност како Родна Величковска, Емилија Џипунова, Соња Здравкова-Џепаровска, и др.

Од Збирката за ликовна уметност ќе бидат презентирани со по две дела реномираните уметнички Анета Светиева и Славица Јанешлиева. Но, со мноштво издадени публикации ќе се вклучени и авторките кои се насочиле кон истражување и пишување за визуелната уметност во Македонија, како: Вера Битракова, Соња Абаџиева и Елизабета Димитрова.

Координатор на изложбата е колешката Зорица Јаковлеска Спировска.

Изложбата ќе ја отвори директорот на НУБ, Јовица Никчевски.

Поврзани вести