Skip to main content

Кошта: Пристапувањето кон ЕУ не е само ветување за во иднина, туку е и партнерство во сегашноста

Процесот на пристапување во Европската Унија е ригорозен и напорен, но тој не е само ветување за во иднина, туку е и партнерство во сегашноста, изградено на доверба, самодоверба и стратешка перспектива, порача денеска од Кишињев претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по средбата со молдавската претседателка Маја Санду.

Молдавците избраа европска иднина и ја покажаа својата посветеност на демократијата, слободата и подобриот живот за нивните деца, нагласи Кошта, додавајќи дека Молдавија го живее клучниот момент на својот пат кон Европската Унија, кој длабоко ќе ја обликува нејзината иднина за генерациите што доаѓаат.

Според него, за три години од поднесувањето на официјалната апликација за членство во ЕУ, Молдавија постигнала импресивен напредок во приближувањето кон Унијата, за што посветено работеле сите субјекти во молдавското општество – локалните и националните власти, бизнис секторот, граѓанското општество и младите генерации.

Некои се обидуваат да го поткопаат патот на Молдавија кон напредокот, просперитетот и стабилноста преку енергетска уцена, лажни вести и хибридни напади. Но, народот на Молдавија застана и го зајакна европскиот пат на земјата, рече Кошта, порачувајќи дека ЕУ покажала оти е предвидлив и доверлив партнер, кој стои зад молдавскиот народ со поддршка во справувањето со предизвиците и кризите.

Поврзани вести