Skip to main content

Кошта на средба со Мицотакис: Случувањата на Блискиот Исток имаат импликации врз мирот и стабилноста на Европа

Кабинет на грчкиот премиер

На влијанието на ситуацијата на Блискиот Исток врз стабилноста на Европа, на потребата ЕУ да остане обединета со цел да стане посилна и побезбедна, но и на ситуацијата во Источниот Медитеран и односите на Грција со Турција се осврна претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој од своја страна порача дека Грција не претставува закана за никого и не прифаќа ничии сугестии за прашањата поврзани со нејзината одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис и Кошта се сретнаа попладнево во Премиерскта палата во Атина во рамките на турнејата на претседателот на ЕС во земјите-членки на Унијата, а разговараа за низа теми меѓу кои и буџетот на ЕУ за периодот 2028 – 2034 година, за кој Кошта посочи дека следните месеци ќе бидат клучни и дека мора до крајот на годинава да се постигне договор, а детално се осврнаа и на геополитичките прашања.

Во однос на Блискиот Исток, се согласуваме дека случувањата во регионот имаат импликации врз мирот и стабилноста на Европа. Исто така влијаат и врз мигрантските бранови и имаат директно влијание врз нашата енергетска безбедност. Затоа, треба да останеме ангажирани во регионот. Благодарен сум ѝ на Грција за нејзината активна улога во овој поглед, особено во зајакнувањето на односите со нашите партнери од Заливот“, рече Кошта и додаде дека ЕУ, на 24 октомври ќе одржи Самит со земјите од Советот за соработка во Заливот со цел дополнително зајакнување на односите.

Тој паралелно нагласи дека „Европа е најсилна кога сме заедно, особено во овие предизвикувачки геополитички времиња“ и на Мицотакис му порача дека неговиот ангажман и придонес се „од непроценливо значење додека го обликуваме нашиот заеднички одговор на предизвиците што ни претстојат“ и изрази увереност дека работејќи заедно може да се постигне значаен напредок и да се изгради „посилна, побезбедна и пообединета Европска Унија“.

Тој пПосочи дека Грција се наоѓа во стратешка положба, со поглед кон Медитеранот и Блискиот Исток и „гледа подалеку отколку што понекогаш може да се види од Брисел“, посочувајќи дека неопходна е заштитата на европските граници, вклучително и морските.

Исто така, имаме стратешки интерес за стабилна и безбедна средина во Источниот Медитеран. Премиерот ме информираше за најновите случувања во односите меѓу Грција и Турција. Европската Унија е заинтересирана за развивање соработка и заемно корисен однос со оваа земја. Конструктивниот ангажман на Турција е од клучно значење за унапредување на различните области на соработка, како што јасно и повеќепати е наведено во заклучоците на Европскиот совет. Во секој случај, приоритет на Европската Унија секогаш ќе биде заштитата на интересите на нејзините земји-членки“, порача Кошта.

Мицотакис рече дека го информирал претседателот на ЕС „за неодамнешната ескалација на турските провокации, особено во Егејското Море“ и посочи дека почитувањето на меѓународното право и добрососедските односи се „предуслов за европскиот пат на секоја земја-кандидат“.

Уште еднаш ќе повторам, незамисливо е да постои активна закана за војна и оспорување на грчкиот суверенитет од земја која има амбиција да ги подобри своите односи со Европската Унија. Европскиот пат на Турција, кој сакаме да го зајакнеме, не може, а да не оди паралелно со градењето добрососедски односи со Грција. Ќе повторам: мојата татковина е мирољубива земја, која не претставува закана за никого. Но, нема да прифати сугестии од никого за тоа како ќе ја зајакнува својата одбран“, порача Мицотакис.

Грчкиот премиер се осврна и на миграцијата, велејќи дека мора да се зајакне соработката со трети земји и да стане поефикасен процесот на враќање на оние кои немаат право на азил, но и да се и да се испрати јасна порака дека „нема криумчарите да одлучуваат кој ќе влегува во Европа“.

Претседателот на Европскиот Совет од Атина, заминува за Никозија, каде што утре наутро ќе се сретне со кипарскиот претседател Никос Христодулидис.

Поврзани вести