![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/screenshot_6-3.jpg)
Во Берлин утре почнува 75. Меѓународен филмски фестивал „Берлинале“. За главната награда „Златна мечка“ за најдобар филм се натпреваруваат 19 остварувања од целиот свет.
Инаку, десетдневната свеченост ќе биде отворена со домашниот филм „Светлина“ (Das Licht), на германскиот режисер Том Твикер, којшто ќе биде претставен со специјална гала-вечер. Тој е надвор од конкуренција. Американскиот режисер Тод Хејнс ќе претседава со годинешното жири, додека за првпат фестивалската програма ќе ја води Триша Татл, која ќе ги претстави новите филмови во натпреварувачкиот дел. Фестивалот во германскиот главен град ќе трае до 23 февруари, се наведува на официјалната интернет-страница.
Од 19 филмови во натпреварувањето, осум се режирани или со-режирани од жени, наспроти шесте лани. Берлинскиот фестивал се одликува со посветеноста на различностите и еднаквоста. Во 2019 година, организаторите ја потпишаа Повелбата за еднаквост и различност, обврзувајќи се на поголема транспарентност во изборот на филмови и на состав на нивните управни тела.
Фестивалот ја доделува „Златната мечка“ за најдобар филм, „Големата награда“ на жирито, како и „Сребрени мечки“ за најдобар режисер, глумец, глумица, сценарио и филмска музика. Основан е во 1951 година и, од 1978., се одржува редовно секоја година во февруари. Секоја година, фестивалот е домаќин на околу 20.000 претставници на филмската индустрија од 120 земји и продава околу 330.000 влезници, што го прави најпосетениот ваков настан во светот.
„Златната мечка“ лани отиде кај филмот „Дахомеј“ на француско-сенегалскиот режисер Мати Диоп.