Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов потврди дека кај 20-годишниот возач кој ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, а кој е во притвор во „Шутка“, е пронајден мобилен телефон. Најавува дисциплинска постапка откако ќе биде утврдено кој го обезбедил телефонот, иако, како што вели, се сомнева дека се повеќе вработени лица.
Направен е претрес, одземен е тој телефон, а притоа одземени се и други телефони. Направени се претреси во повеќе ќелии и се прави истрага кој е тој полицаец кој го дал телефонот, иако мојот сомнеж е дека не е еден, туку повеќе кои го тераат тоа како бизнис. Како нова власт имаме фатено доста такви, но за жал, се уште има такви – изјави попладнево Пандов.
И од семејството на починатата Фросина побараа од Министерството за внатрешни работи да го најде одговорниот кој му дал телефон на Васил Јованов.
Од семејството на свирепо убиената Фросина Кулакова јавно се обраќаме до МВР – Сектор за Внатрешна Контрола да се пронајде одговорниот што го снабдил со телефон убиецот – монструм и да биде соодветно санкциониран. Системот повторно потфрли! Дали ќе се дозволи корумпцијата што ја уби сестра ми и понатаму да владее?! Чие дете е следно?, напиша сестрата на Фросина на „Фејсбук“.
За ова претходно информираше и Социјалдемократскиот сојуз од каде побараа одговор од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој му дозволил на обвинетиот да има телефон во затвор.