
Ракометарите на Вардар продолжуваат со доминацијата во домашното првенство. Актуелниот шампион ја забележа и 12. победа во исто толку натпревари, откако на гостувањето во Битола го совлада Еурофарм Пелистер со 39:31.
Домаќините успеаја да парираат само во почетните минути, кога по почетното водство на Вардар од 5:2 се вратија во игра и израмнија на 5:5. Сепак, избраниците на гостинскиот тим брзо ја презедоа контролата. Со серија од четири последователни гола се одлепија на 10:6, а предноста ја одржуваа до завршницата на првото полувреме.
Клучен период беше финишот на првиот дел, кога голманот Милан Бомаштар со неколку одлични интервенции го запре нападот на битолчани. Вардар ја искористи празнината во играта на противникот и на пауза замина со комотни 17:12.
Во продолжението гостите не дозволија изненадување. Постепено ја зголемуваа предноста, која во еден момент достигна и девет голови разлика (32:23). Еурофарм Пелистер се обиде да се врати со серија од три погодоци, но Вардар веднаш одговори и ја задржа убедливата предност до крајот на средбата.
Леон Љевар и Марио Стојановски беа најрасположени во нападот на Вардар, постигнувајќи по осум гола. Значаен придонес имаше и голманот Бомаштар со 17 одбрани. Мохаб Абделхак и Матео Фадуил постигнаа по четири погодоци.
Кај домашниот состав најефикасен беше Христијан Митревски со седум гола.
Со овој триумф Вардар стигна до максимални 24 бода и самостојно се наоѓа на врвот на табелата по 12 одиграни кола. Алкалоид е втор со 20 бода, додека Еурофарм Пелистер и Охрид имаат по 19.
Во другите натпревари од ова коло, Струга славеше на гостувањето кај Тиквеш, Младост и Бутел ги поделија бодовите, а Прилеп освои цел плен против Куманово.

Македонски



