
Десетина деца се повредени по пад од подвижни скали во трговски центар во „Белград“. Несреќата се случила денеска во 14:30 часот. Српските медиуми неофицијално пренесуваат дека тешко повредени се седум деца, а за три од нив ќе треба и хируршка интервенција.
Станува збор за осумгодишни и деветгодишни деца кои оделе на кино во трговскиот центар „Галерија“. Според првичните информации врвка или коса на едно од девојчињата се заглавила во скалите, по што почнале да паѓаат.
Очевидци за српски „Блиц“ опишуваат вознемирувачки сцени, детски плач, вресоци и крв на подвижните скали и подот.
Видов голем број луѓе собрани околу подвижните скали, а потоа забележав многу повредени деца. Сцената беше ужасна. Децата плачеа, лекарите од Итната помош им ги преврзуваа раните, а крв имаше и на скалите и на подот. Некои девојчиња имаа повредени нозе, а други повреди на главата, раскажал еден од очевидците.
Веднаш по несреќата, вработените во трговскиот центар и случајните минувачи притрчале да им помогнат на повредените деца. На местото на несреќата пристигнале пет екипи на Итната медицинска помош, а сите десет повредени деца биле пренесени во Ургентниот центар.
Меѓу повредените има пет девојчиња и пет момчиња.

Македонски



