Skip to main content

Нуклеарната централа Запорожје во Украина, најголемата во Европа денеска повторно остана без струја

Нуклеарната централа Запорожје во Украина, најголемата во Европа, денеска повторно остана без надворешно снабдување со електрична енергија, поради што се активирани резервните дизел-генератори неопходни за ладење на нуклеарното гориво.

Како што објави Ројтерс, информацијата ја потврдија раководството на централата, кое е поставено од Русија, и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Според агенцијата, прекинато е напојувањето преку далноводот „Феросплавна“, додека главниот далновод „Днипровска“ е надвор од функција уште од 23 октомври.

Од МААЕ соопштија дека причината и точната локација на најновиот прекин засега се непознати. Централата располага со резерви на гориво доволни за работа на ограничен број резервни генератори во период од околу две недели.

Иако шесте реактори на нуклеарната централа не произведуваат електрична енергија, за одржување на нивната безбедност и ладењето на нуклеарното гориво потребно е постојано напојување.

Руското раководство на централата соопшти дека сите неопходни мерки за одржување на безбедноста се преземени и дека нивото на радијација во објектот и околината е во нормални граници.

Запорожје се наоѓа под руска контрола од почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година. Во септември годинава, со посредство на МААЕ, беше договорен локален прекин на огнот за да се овозможат поправки на оштетената електроенергетска инфраструктура.

Најновиот прекин повторно ја става во фокус безбедноста на нуклеарниот објект, кој е еден од најчувствителните инфраструктурни објекти во војната во Украина.

Поврзани вести