
Понекогаш забораваме какви светски умови и таленти раѓала оваа наша земја, луѓе пред кои се поклонувал целиот свет, а кај нас останале запаметени како скромни великани.
Токму вчера, во просториите на Националната опера и балет во Скопје, се одржа голема промоција на монографијата посветена на легендарниот маестро Ванчо Чавдарски, настан кој собра бројни истакнати професори и уметници.
Неговиот животен пат изгледа како холивудско филмско сценарио. Роден во Владимирово, како дете останал без мајка, а првиот допир со музиката му бил на импровизирана тамбура со само две жици, која му ја направил неговиот дедо.
Од тие скромни почетоци и селскиот црковен хор, неговиот извонреден талент го води низ конзерваториумите во Загреб и Белград, па сè до позицијата директор на Македонската филхармонија.
Но, неговата слава брзо ги преминува границите. Овој македонски гениј со децении диригираше во престижната Сиднејска опера, беше шеф-диригент на Квинслендскиот симфониски оркестар во Бризбејн и почесен професор во Јужна Кореја.
Критиката во Австралија и денес ги опишува неговите концерти како ненадминливи во историјата, со што тој остави траен белег на светската музичка сцена сè до крајот на неговиот творечки пат во 2001 година.
Промоцијата на оваа книга од авторот Јован Мазгански е само уште еден потсетник дека делата на ваквите луѓе никогаш не смеат да избледат од нашата колективна меморија.

Македонски




