Skip to main content

Сиљановска Давкова на средба со командантот на НАТО за Европа, генерал Гринкевич: Стабилноста на Западен Балкан е неразделна од безбедноста на евроатлантската заедница

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во седиштето на Врховната команда на сојузничките сили во Европа, оствари средба со генерал Алексус Грегори Гринкевич, врховен сојузнички командант за Европа.

Сиљановска-Давкова ја реафирмираше посветеноста на земјата на колективната одбрана и придонесот кон безбедноста на сојузниците, истакнувајќи дека стабилноста на Западен Балкан е неразделна од безбедноста на пошироката евроатлантска заедница. Според претседателката, целосната евроатлантска интеграција и членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ е важен дел од безбедносната европска структура.

Како што соопштуваат од кабинетот на претседателката, таа укажа дека нерешените спорови, политичките тензии и институционалната ранливост го прават регионот подложен на хибридни закани, дезинформации и злонамерни надворешни влијанија, поради што се неопходни поголема отпорност, подготвеност за кризни состојби и заштита на критичната инфраструктура.

За неа, континуираното присуство на КФОР и другите мисии на НАТО е од суштинско значење за мирот и стабилноста на Косово и поширокиот регион.

Сиљановска-Давкова потсети дека земјата е посветена на развивањето на одбранбените способности согласно НАТО-целите, при што во тек е ажурирање на стратегиските документи за одбраната и долгорочниот развој на способностите на Армијата.

Според неа, модернизацијата не подразбира само набавка на современа опрема, туку и внимателно планирање, долгорочни инвестиции и тесна соработка со сојузниците, усогласени со потребите на Армијата и барањата на Алијансата.

Посебно ги издвои Коридорите 8 и 10, нагласувајќи дека нивната географска положба и инфраструктурна поврзаност се значајни за исполнување на мисијата на Алијансата.

Таа посочи дека земјата се залага за почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации, изразувајќи подготвеност за продолжување на соработката со сојузниците во рамки на заедничките механизми за помош.

На крајот, претседателката ја потврди определбата на Македонија да биде доверлив и конструктивен сојузник, придонесувајќи кон колективната одбрана, регионалниот мир и безбедноста на евроатлантската заедница.

Поврзани вести