Skip to main content

Сиљановска-Давкова: Монетарната и финансиската стабилност се јавно добро чиишто придобивки ги споделува целото општество

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свеченоста по повод 80-годишниот јубилеј на централнобанкарското работење на Народната банка, којашто се одржа во Музејот на Народната банка.

Таа говореше за Народната банка, за нејзината трансформација во зависност од економските и општествените промени, како и за нејзиниот важен придонес, потенцирајќи дека во 1991 дојде до историска промена на централнобанкарското работење, односно до монетарен суверенитет во самостојна и суверена Република Македонија.

За неа, независноста, кредибилитетот и довербата не се само формални обележја на централното банкарство, туку темелни принципи врз коишто се градат ценовната и финансиската стабилност, а институционалната независност и отчетноста се заемно комплементарни предуслови за професионално одлучување и заштита на долгорочниот јавен интерес.

Говорејќи за значењето на ценовната стабилност, Сиљановска-Давкова укажа дека таа непосредно се одразува врз животниот стандард на граѓаните, сигурноста на семејните буџети и можноста домаќинствата и компаниите да ја планираат својата иднина, нагласувајќи дека монетарната и финансиската стабилност претставуваат јавно добро чиишто придобивки ги споделува целото општество.

Според неа, глобалните финансиски кризи, геополитичките тензии, климатските промени и забрзаниот технолошки развој наметнуваат нови барања пред централните банки, коишто мора постојано да ги унапредуваат своите аналитички и технолошки капацитети, да вложуваат во знаење и стручност и да развиваат механизми за одговорно управување со ризиците.

По повод јубилејот, претседателката упати честитки до Народната банка, оддавајќи им признание на сите генерации раководители, банкари и вработени кои со својата стручност, посветеност и одговорност ја граделе и развивале институцијата.

На свеченоста се обрати и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и беше прикажан документарен филм посветен на осумдесетгодишниот развој на централното банкарство.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Не сум меѓу вас од куртоазна, туку од суштинска причина. Осумдесетгодишниот јубилеј на централнобанкарското работење на Народната банка е важен ден за неа, за државата, но и за народот. Причината е во независното, стручното, одговорното, напорното и успешно работење на една од најважните државни институции.  

Зад неа се осум децении правен и институционален континуитет и меморија за трансформацијата на финансиските, економските и општествените односи, за домаќинското водење и менаџирање, врз основа на вредности коишто ги отелотворува, за заслужената доверба којашто ја ужива и за способноста да одговори на предизвиците.

Од првиот гувернер Стојан Ќосев до актуелниот, сметам дека имавме многу солидни гувернери, учени и посветени чувари на финансиската стабилност и сакам на сите нив да им оддадам должно признание.

Не е лесно да се адаптира централното банкарство на општествените, економските и уставните промени: од кредитирањето, платниот промет и девизните операции до планирањето, статистиката, сметководството и контролата.

Најдлабоката трансформација во современата историја на Народната банка, настапила со осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година. Создавањето независна и самостојна држава подразбирало воспоставување сопствен монетарен систем, дефинирање национална парична единица и конституирање институција којашто ќе ја преземе одговорноста за монетарната стабилност во услови на самостојно економско управување и монетарен суверенитет.

Успешната замена на југословенските динари со македонски банкноти е историски чекор на воспоставување сопствена монетарна политика и зачувување на вредноста на националната валута. Со конституирањето на независната држава, Народната банка прерасна во современа централна банка.

Во изминатите осум децении таа ги разви своите институционални, аналитички и оперативни капацитети, соочувајќи се со домашните и со меѓународните предизвици и борејќи се за одржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс.

Ретроспективата открива перманентна институционална трансформација: од централа во рамките на федералниот монетарен систем, преку републичка народна банка, до современа централна банка на независна држава. Се разбира, секоја етапа има свое кредо и своја физиономија, но сите етапи откриваат суштинска врска меѓу институционалниот развој, економската стабилност и одговорноста кон јавноста.

Во основата на современото централно банкарство се три меѓусебно поврзани принципи: независноста, кредибилитетот и довербата. Тие не се само формални обележја на институционалната поставеност, туку важни предуслови за успешно остварување на основната цел на централната банка: ценовната стабилност и стабилноста на финансискиот систем. Независноста на централната банка не е само техничко прашање на монетарната политика, ниту, пак, само институционално прашање. Таа е дел од архитектурата на современото економско управување, како и механизам за заштита на долгорочниот јавен интерес.

Ова особено важи за централните банки чиишто одлуки влијаат врз трошоците за задолжување, штедење, инвестиции, економски очекувања и функционирање на финансискиот систем. Нивните овластувања се значајни, па затоа и начинот на кој тие се користат мора да биде заснован врз стручност, интегритет и јасна институционална одговорност. Институционалната независност овозможува одлуките да се носат врз основа на економски анализи, расположливи податоци и проценка на долгорочните последици. Таа создава услови за доследно спроведување на монетарната политика и за зачувување на стабилноста и во периоди кога економските околности бараат тешки, но неопходни одлуки. Во демократскиот политички систем, избраните институции ги утврдуваат законските цели и рамката на дејствување на централната банка, а нејзината автономија овозможува професионално одлучување во рамките на надлежноста. Оттука, независноста и отчетноста не се спротивставени принципи. Напротив, тие се заемно комплементарни елементи. Независноста ја гарантира професионалната процена, а транспарентноста, отчетноста и јасната комуникација ја потврдуваат легитимноста на одлуките и ја зајакнуваат довербата во институцијата.

Довербата на јавноста не е само прашање на репутација. Таа има директно економско значење оти влијае врз инфлациските очекувања, одлуките за штедење и за потрошувачка, инвестициските планови и предвидливоста на економските односи. Во мала и отворена економија како нашата, во која стабилниот девизен курс има централна улога во монетарната рамка, довербата во монетарните и финансиските институции е клучна. Кредибилитетот на политиките и институционалната доследност придонесуваат кон зачувување на ценовната и на финансиската стабилност и кон создавање попредвидливо економско опкружување.

Кога зборуваме за ценовната стабилност, не зборуваме само за стапките на инфлација, монетарните инструменти или макроекономските показатели. Зборуваме и за животниот стандард на граѓаните, за сигурноста на домаќинствата и компаниите со доверба да ја планираат својата иднина. Ценовната стабилност не е само економско прашање, туку и прашање на социјална сигурност и заштита на јавниот интерес. Монетарната и финансиската стабилност претставуваат јавно добро токму затоа што нивните придобивки се заеднички за целото општество. Стабилните пари создаваат заедничка основа за функционирање на домаќинствата, претпријатијата и јавните институции. Оттука, зачувувањето на ценовната стабилност бара долгорочна доследност. Краткорочните мерки не можат да ја заменат потребата од кредибилна и одржлива монетарна политика. Во услови на притисоци за брзи решенија, важно е да се зачува фокусот на долгорочната стабилност и да се избегне преземање мерки коишто би можеле да ги поткопаат економските очекувања. Во овој контекст, значењето на централната банка се огледува и во нејзината способност да ја зачува довербата во вредноста на парите, а со тоа и во економските односи коишто се засновани врз нив. Изминатите децении, меѓутоа, нè потсетија дека стабилноста не е секогаш загарантирана. Глобалната финансиска криза, пандемијата, енергетските и ценовните шокови и геополитичките тензии покажаа колку брзо надворешните нарушувања можат да се пренесат врз домашните економии и врз финансиските системи.

Осумдесетгодишното наследство на Народната банка е важна основа за идниот развој, но истовремено и обврска за унапредување на институционалните капацитети. Геополитичките конфликти, фрагментацијата на меѓународната економија, растечкиот трговски протекционизам, високиот јавен долг и побавниот раст на продуктивноста создаваат дополнителни извори на неизвесност. Истовремено, климатските промени и сè почестите екстремни временски настани можат да предизвикаат економски загуби, нарушувања на производството и дополнителни притисоци врз цените и врз финансискиот систем.

Технолошкиот напредок, особено развојот на вештачката интелигенција, носи значајни можности за подобрување на аналитичките процеси, зголемување на ефикасноста на финансиските услуги, унапредување на проценката на кредитниот ризик и поефикасно откривање измами. Но, истовремено, тој отвора и нови ризици поврзани со сајбер-безбедноста, оперативната отпорност, концентрацијата на технолошките услуги и ширењето на ризиците меѓу финансиските институции. Овие промени бараат централните банки, значи и нашата централна банка, постојано да ги унапредуваат своите аналитички и технолошки капацитети, да инвестираат во знаење и стручност и да развиваат соодветни пристапи за проценка и за управување со новите ризици.

Иднината, со еден збор, бара коегзистенција ем институционална стабилност, ем способност за приспособување: доследност во принципите, флексибилност во инструментите и постојана подготвеност за новите предизвици.

На крајот, сакам да упатам искрени честитки до Народната банка по повод овој значаен јубилеј, со признание за придонесот на сите генерации раководители, банкари и вработени коишто со својата стручност, посветеност и одговорност ја граделе и ја развивале институцијава како свој втор дом.

Поврзани вести