
Сметам дека воопшто не треба да го споменуваме, да го викаме по емисии или пак да го објавуваме – ни за добро, ни за лошо. Едноставно, неговата мисла не треба да постои во јавниот простор.
Но, реално, и покрај Алта, и покрај ослободувањата на Перпарим и Боки, тој е личноста на неделата. Не поради работите што ги изнакажа и на самата дебата во Алфа, а после и преку видеообраќање, туку затоа што на едно 17-годишно девојче насилно му беше одземен животот и младоста. Од такви со идеи како:
Петар Богојески
Ако го прашате Гугл што е Петар Богојески, ќе ви каже – македонски политичар, универзитетски професор и доктор по економски науки. Актуелен претседател на политичката партија Македонски концепт.
Ако прашате секој оној што ја имал несреќата барем еднаш да го гледа/слуша/чита, ќе ви каже – Ендру Тејт од Тему. И поевтин од тоа.
Почна така што во емисијата „Под лупа“, Богојески зеде да попува за феминизмот, како тоа жените се однесуваат на „несоодветен начин и отфрлат каков било машки надзор“, што пак било „задача и обврска“ на сопругот. Зборувајќи за неверство во бракот, за него насилната реакција на сопругот не би била насилство, туку „заштита на неговото достоинство“. И дека баш поради Законот за спречување насилство врз жени и семејно насилство ни се распаднала нацијата и немало деца во училиштата.
По сите реакции на јавноста и јавните личности, тој „се оправда“ со видеообраќање, во кое само си ги дозацврсти своите ставови – како МПЦ потфрлила во својата мисија да го заштити светото традиционално семејство од „либералните деструктивни влијанија“. И дека требало повеќе да се угледаме на Албанците/муслиманите.
„Попаметни ли сте од Албанците кои не ги пуштаат жените да се брукаат по кафани?“
Не дека работите што ги изнесе во дебатата се нешто ново. Треба само да отворите негов профил и да ги читате коментарите. Од теории на заговор, преку „Шиптари“ и „педери“, до пцуење на мајки и споменување на сестри. Убаво рече Најчевска – глуп ко точак.
И никоја од овие реакции на јавноста, ништо од ова што е речено, без разлика колку за оние што го кажуваат е логично и нормално, ништо од тоа нема да допре до него.
Џабе паламудиме. Тоа е личност која со секоја реакција сè повеќе е убедена дека е во право. И дека е над сите. Па, нели во видеото вели дека „жените реагирале емотивно“. Така ги гледа, тој, мажјакот.
Џабе паламудиме. За такви личности и биле измислени прво митовите, а потоа и религијата. Затоа што некој требало да им каже дека не е во ред да си ги силуваш блиските (Едип) или не изневерувај (Библија). И тогаш луѓето стварно почнале да се плашат – „не убивај, не кради“ зошто ќе одиш во пеколот. Во 2026 година, барем се надевам, да не речам – се молам, дека свеста и еволуцијата се доволно стигнати за да не се убива, кради, затоа што тоа е погрешно, а не затоа што можеби ќе платиш во следниот живот. Ама не се.
Џабе паламудиме. За него е доцна, тоа е тоа. Ќе си постои, но наше ( и како медиуми и како јавност) е да не го уважуваме тоа негово постоење. Ова да е последно.
Но… Но! Барем еден со мисли ко неговите, барем еден ако си го ставил прстот на глава после сè ова, барем еден да сфатил дека човек човека не поседува, да се оттргне од сите тие шовинистички размислувања, видео-туторијалчиња од Тик ток, бакнувања на крстот пред удирање шамар, главата на черџето пред стискање на тупаница… Може и ќе нема следна ваква вест.
Ама дотогаш, со право бидете бесни. И со право плукајте го и него и сличните. Може ќе нè биде.

Македонски




