
Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030 претставува значаен стратегиски документ што го препознава придонесот на образованието во создавањето сообраќајна култура и долгорочното унапредување на безбедноста, истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, на промоцијата на новата стратегија.
Таа потенцираше дека едукацијата игра клучна улога како превентивен механизам за младите учесници во сообраќајот.
Образованието е еден од најмоќните превентивни механизми. Знаењата, ставовите и навиките што придонесуваат за безбедно учество во сообраќајот треба да се развиваат од најрана возраст, почнувајќи од предучилишното воспитание и продолжувајќи низ сите нивоа на образовниот процес. Темите за безбедноста во сообраќајот се интегрирани во воспитно-образовната работа, преку наставни и воннаставни активности, како и кампањи во соработка со Министерството за внатрешни работи, со стручни организации и со единиците на локалната самоуправа – посочи Јаневска, додавајќи дека податоците за сообраќајните незгоди укажуваат на потреба од уште покоординиран пристап.
Министерството за образование и наука, во соработка со Бирото за развој на образованието, ќе работи на дополнително унапредување на образовните содржини со кои учениците ќе стекнуваат практични знаења, ќе ги препознаваат ризиците и ќе развиваат навики за одговорно однесување и употреба на заштитна опрема.
Јаневска нагласи дека дел од активностите ќе бидат насочени кон јакнење на компетенциите на наставниот кадар и обезбедување соодветни едукативни материјали, бидејќи успешната едукација бара подготвени наставници и современи ресурси.
Воедно, таа ја поддржа идејата за јакнење на безбедносните зони околу училиштата, парковите и центрите на населбите преку партнерства со општините и граѓанскиот сектор.
Создавањето побезбедна средина околу местата каде што престојуваат децата е заедничка обврска на сите институции и на целата заедница. Подеднакво важно е младите да стекнат основни знаења и вештини за соодветно постапување во првите критични минути по сообраќајна незгода, во соработка со Црвениот крст и со здравствените институции – рече министерката.
На крајот, Јаневска ги охрабри сите засегнати страни да градат трајна култура на безбедност како одговор на сообраќајните ризици, подвлекувајќи дека успехот на Стратегијата зависи од заедничкото и координирано делување.

Македонски




