
Министерката за образование и наука и денеска повтори дека ќе се најде решение за барањата на студентите за зголемување на сумата на субвенционираниот студентски оброк, за кој наместо платежна картичка се планира ваучер и парите да се користат само за храна.
По вчерашната средба со претставници на студентите во Владата, Јаневска денеска рече дека генерално за студентите бил прифатлив предлогот за ваучерски систем на субвенцијата, што ќе се користи само за оброк, за што е и законски наменета, слично како што се применува во Словенија.
Целта на овој систем е да ја користат субвенцијата за здрава храна, тоа што и била намената со законот, односно да не може да користат за алкохол, цигари и друго нешто што тие вообичаено го прават, според нивните кажувања и според она што може да се види во градот. Ќе може да го користат секаде каде што ќе се одредат одредени оператори кои ќе им продаваат исклучиво храна, изјави Јаневска пред отворањето на конференција за интелектуална сопственост и дигитална трансформација.
Во овој момент, додаде таа, сè уште се дискутира и очекува одговори од студентските организации.
На почетокот на академската година тие до МОН поднесоа иницијатива дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 140 денари да се зголеми на 200 денари.
Секако ќе најдеме решение и верувам дека на крајот сите ќе бидеме задоволни од исходот. Зголемување секако ќе има, која ќе биде сумата, дополнително ќе се договориме, рече министерката.
Јаневска вчера, пред средбата на студентите со неа и со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, посочи дека зголемувањето на износот на субвенцијата за оброк е ново барање на студентите. Со претходното раководство на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ било договорено да не се покачува сумата, но да се зголеми опсегот на студенти што ќе имаат право на оваа субвенција.
Тоа им беше во тој момент поважно. Опсегот е проширен така како што сме се договориле. Сега тие имаат ново барање. По новото барање сум апсолутно сигурна дека ќе најдеме некакво решение и мислам дека сме блиску до изнаоѓање на решението. Им понудивме ваучерски систем сличен на оној во Словенија, што беше барање на претходното раководство, рече Јаневска.

Македонски

