Skip to main content

Хамнеи: Политичките промени во САД нема да го сменат непријателскиот однос кон Иран

Промените во структурата на власта во Соединетите Американски Држави и евентуалните отстапки на Вашингтон нема да го променат непријателскиот однос на таа земја кон Иран – изјави денеска иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи, предупредувајќи дека одговорот на Техеран на евентуална нова американска агресија ќе биде значително посилен и посеопфатен.

Целосно грешат оние што веруваат дека промените меѓу политичките партии во Америка можат да го променат непријателскиот однос на Вашингтон кон Иран. Погрешно е и верувањето дека отстапките кон Соединетите Американски Држави ќе го наведат Вашингтон да се откаже од непријателството кон иранскиот народ – порача Хамнеи.

Тој предупреди дека, во случај на повторување на американската агресија, одговорот на Техеран ќе се прошири на значително поширока област, пренесе „Ал Џезира“.

Според него, додека САД сметаат дека крајот на нивните напори за воспоставување глобална доминација е далеку, Иран верува дека тој момент е близу.

Хамнеи оцени дека случувањата во регионалните води, особено во Ормуска Теснина, покажале дека митот за непобедливоста на Соединетите Американски Држави е неоснован. Тој истакна дека воспоставувањето иранска контрола врз Ормуска Теснина и нападите врз американските воени бази во регионот претставуваа одговор на американската агресија, но и, како што наведе, дел од борбата против хегемонијата на регионално ниво.

Изјавите на Хамнеи следуваат по поразот на Републиканската партија, предводена од американскиот претседател Доналд Трамп, на изборите за Сенатот и за Претставничкиот дом на Конгресот на САД. (МИА)

Поврзани вести