Во регионот, не треба да се очекуваат поголеми промени. Со мали и спори поместувања, сѐ ќе остане главно по старо. Мешањето од надвор ќе продолжи, меѓусебните недоверби и недоразбирања остануваат длабоки и трајни, а тенденции за побрзо излегување од заостанатоста – нема.
Одличниот проект, „Отворен Балкан“, дефинитивно не успеа. Се појави како конкуренција на „Берлинскиот процес“, којшто беше целосно во аут. Го врати на сцена, ама за кусо. Се чини дека тоа беше американска идеја, и не е до крај јасно зошто пропадна? Отпорот на Косово беше најголем, а можеби тоа требаше да биде патот за побрзо договарање со Белград, во режија на Вашингтон?
Државната граница со Србија е историски дострел за Косово. Постигната беше со НАТО бомбардирање на Белград, и не сакаа(т) да ја релативизираат. Вашингтон сигурно притискал врз Приштина, ама Албин Курти докажано не ги есапи нивните иницијативи. Босна и Црна Гора полесно ќе се приклучеа.
Традиционално, државите од регионот тешко ги решаваат и сопствените и меѓусебните проблеми. Голема грешка беше што Унијата, во процесот на масовно проширување, немаше поголем слух за овие земји. Без европски перспективи, тие тешко ќе се концентрираат на длабоки реформи. На сите политички елити им треба некој да ги турка во права насока бидејќи, во спротивно, тоа значи губење на власта. Недостасува камшикар, колку и да звучи тоа трагично.
Своевиден проблем се и двојните стандарди на Унијата и лицемерството коишто речиси редовно доаѓаат до израз. Брисел, често тера непринципиелни политики. Реагира и на малку важни настани во регионот, а премолчува многу посериозни. Тоа создава недоверба, неразбирање, та и сомнеж во вистинските намери на Унијата. Заради нечии интереси, се кршат основните и универзалните принципи. Македонија е класичен пример за несоодветно, контроверзно и неприфатливо однесување на ЕУ.
Еве и најнов пример. Брисел остро реагираше на поддршката на Елон Маск, новиот функционер на Трамп, за германската десници, и за Велика Британија, како неприфатливо мешање во внатрешните работи на земјите. А, само помислете што се’ ни (на)прави истиот тој Брисел нам, во последните неколку години! Нѐ прекрсти, ни го игнорира националниот идентитет, не ни го признава јазикот, не уценува да го менуваме Уставот… Се’ е тоа без никаква легална основа! Да редиме уште? Се прават отсутни и сега, кога лидерот на третата парламентарна партија во Бугарија, јавно повикува да ја анектираат Македонија! Молчењето значи поддршка, нели?
Односите меѓу Србија и Хрватска се влошуваат. И двете забрзано се наоружуваат, што секако не е добар знак. На претседателските избори во Хрватска, одржани на крајот од 2024, антисрпската реторика беше нагласена кај сите осум кандидати. Воените секири сѐ уште не ги закопуваат иако, се чини, дека тие во Загреб повеќе се мавтаат.
И Косово се наоружува. Оружје се купува за да се искористи, не за да се чува, а тоа значи – војна. Сепак, за среќа, нова војна на Балканот нема да има. Гарант за тоа се САД – тоа не се вклопува во нивните регионални интереси. Причината е проста – има ли војна, еве ги Русите назад тука, а тоа е нешто од што Вашингтон најмногу се плаши. Меѓутоа, нема да има и траен мир. Балканските историски синдроми се повампирени, и ќе продолжат да си го земаат својот данок. Засега, лидер е Бугарија, ама и другите не се многу зад неа.
Решението меѓу Белград и Приштина останува недостижно. Трамп лично се ангажира во минатиот мандат, и не треба да се исклучи и нов таков обид. Особено, ако му требаат брзи резултати, што е многу веројатно, иако и тука нема да ги постигне. Курти има големи и се’ албански амбиции, не сака компромис и брка само победа. Сега е и пред избори. А Вучиќ, или кој било друг во Србија, нема да прифати независност во догледно време. Тоа кажува сѐ.
За Македонија, нагласено е важно дали на Косово ќе се формира договорената Заедница на српски општини (ЗСО)? Силен е впечатокот дека оваа политичка форма е измислена повеќе како начин за рушење на унитарноста на Македонија, отколку за потребите на Косово. ЗСО и таму ќе донесе двовластие ама, заради поддршката од нивниот стратегиски партнер, САД, за Албанците тоа нема да биде поголем проблем. Курти одлучно одбива, ама Србија има меѓународна поддршка. Во минатиот мандат на Трамп, се заговараше токму поделбата на Косово. Веројатно и ќе продолжат така.
Случајот мораме максимално внимателно да го следиме бидејќи концептот крие страшна закана. Ако се формира ЗСО на Косово, каде процентот на Срби сега е мал, со такво решение, веќе истиот ден, ќе уценуваат и Албанците во Македонија. Тоа ќе значи дефинитивен федерализам и крај на македонската држава. А сите свои барања до сега, колку и да беа надвор од било какви меѓународни стандарди – тие ги реализираа! Кога мораше, и со агресија од Косово! Заслугата е на нивните стратегиски партнери, ама и на нашите некадарни и криминогени политичари.
Патот на Србија кон Брисел е – неизвесен. Преговорите ги започнаа во јануари 2014 година; од 35 поглавја отворено имаат 22; две се привремено затворени. Во јуни 2021, преговарачката рамка беше променета („извршена беше ревизија“!), што ЗНАЧИ ДЕКА ТОА Е МОЖНО! Брисел ги одолговлекува преговорите и, најверојатно, на крајот ќе инсистира на признавање на Косово, иако тоа не го кажуваат.
Што и да преземе Трамп, ако повторно се вклучи, Србија уште долго нема да го признае Косово. Тоа ќе остане надвор од ООН и други меѓународни организации, а Унијата е исклучена бидејќи и пет нејзини членки не ја признаваат неговата независност. За утеха, Косово има релативно висок пораст на БДП, што е секако резултат и на ниската основа.
Во меѓувреме, во Србија се создава сериозна политичка криза, чија цел е рушење на Вучиќ. Тоа е своевидна шарена револуција, на каква и ние бевме сведоци. Тоа е систем на странските тајни служби, испробан во повеќе држави. Вучиќ е мета бидејќи не се откажува од соработката со Русија и Кина. Доби остри американски санкции и врз НИС, нивната нафтена индустрија, којашто е мотор на стопанството.
Освен во Србија, шарени револуции моментално има и во Словачка, Грузија, та и во Романија, секаде каде се појавија проруски политички елити или политичари. Коинциденцијата е сигурно – случајна! Во Романија дури и ги поништија изборите!
Босна и Херцеговина, пак, уште долго, ќе биде – незавршена приказна. Останува нефункционална, не само заради политиките на Додик. Проблемите ќе доаѓаат и од Хрватите, коишто сакаат своја федерална единка. Недоразбирањата и судирите не можат да се надминат во кусо време. Потребни се нови генерации. Според последниот извештај на ЕУ, од октомври 2024, државата речиси нема напредок. Од шесте балкански држави, единствено БиХ немаше Реформска агенда, којашто е услов за вклучување во додатните фондови на Брисел од шест милијарди евра.
Црна Гора ги засили реформите заради побрз напредок кон Брисел. Преговорите започнаа во јуни 2012; отворени се сите 33 поглавја; три се привремено затворени. Во целина, според извештајот на ЕУ за 2024, земјата напредува иако има и доста ограничени или слаби резултати. Се чини дека и Унијата размислува да направи исклучок за Подгорица и да ја прими некаде околу 2030, за да покаже дека проширување – има! Тоа би било по 18 години преговори!
Во меѓувреме се појави Хрватска, со листа од 10 барања коишто Црна Гора мора да ги исполни, ако сака членство. Во нив е прецизирање и на поморската граница кај Превлака. Ова е реприза на блокадите на Македонија, ама и кога Љубљана го запре Загреб. Балканот си е – Балкан.
Хрватска започна со условување и на патот на Србија кон ЕУ. Заборавил ли Загреб дека пред нивниот прием (2013), на барање на Брисел, претседателот Јосиповиќ официјално, писмено се обврза дека нема да го попречуваат српското членство? Поука беше искуството со Македонија!
Албанија ги започна преговорите, ама извештајот на ЕУ за 2024 не е многу позитивен. Се фали Владата за својата посветеност на реформи ама, во целина, нема многу резултати. Политичките конфронтации во земјата се доста нагласени, особено меѓу власта и дел од опозицијата, што доаѓа до израз и во функционирањето на Парламентот. Во целина, членството на Албанија во ЕУ, ако сѐ биде според процедурите, е далечна иднина.
Перспективите за членство во ЕУ беа главен стимулатор на позитивните промени во регионот. Сега, кога ги нема, тоа е голем удар за сите. Локалните политички елити немаат мотиви за брзи и сеопфатни реформи. А, без европеизација, регионот останува слепо црево. И ЕУ е недоречена без Балканот, ама последиците се наши. Оставени самите на себе, уште долго ќе се бориме со своите историски фрустрации.
Сѐ заедно, единствен излез за шесте заборавени држави е максимално забрзување на регионалната соработка, целосно отворање на границите за сите трансфери и меѓусебен натпревар во спроведување на реформите. Само тоа може да биде мотивот, којшто секогаш е потребен за акција. Додека камионите чекаат со часови и денови пред границите, остануваме во 19 век.
Македонија може да биде иницијатор на сето тоа! Нека биде тоа наша иницијатива и во рамките на „Берлинскиот процес“!