Skip to main content
Македонија со традиционално учество на Медитеранската берза за археолошки туризам во Пестум, Италија

Честоева од Медитеранската берза за археолошки туризам во Италија: Продолжуваме посветено да ги претставуваме македонските културни вредности пред меѓународната јавност

Република Македонија со традиционално учество на Медитеранската берза за археолошки туризам во Пестум, Италија

Од денес, 29 октомври, до 1 ноември 2026 година, како директорка на Управата за заштита на културното наследство, учествувам на Медитеранската берза за археолошки туризам (Borsa Mediterranea del Turismo Archeologico – BMTA) во Пестум, Република Италија, заедно со тимот на УЗКН, вели директорката на УЗКН, Весела Честоева.

Учеството на овој престижен меѓународен настан претставува значајна можност за афирмација на богатото културно и археолошко наследство на Република Македонија, зајакнување на меѓународната соработка и промоција на културното наследство како важен ресурс за одржлив развој.

Под координација на Управата за заштита на културното наследство, Република Македонија и годинава е дел од оваа меѓународна платформа, со што се продолжува континуитетот на учество и соработката со Република Италија во областа на заштитата, валоризацијата и промоцијата на културното наследство.

Ова е шесто учество на Република Македонија на Берзата, на која традиционално се претставуваат најзначајните археолошки локалитети, цркви, манастири и други вредни културно-историски споменици. Посебен акцент е ставен и на традиционалната храна и пијалаци, како израз на нематеријалното културно наследство и значаен дел од македонскиот културен идентитет.

Медитеранската берза за археолошки туризам е единствен меѓународен настан од ваков вид, кој обединува изложувачи, институции, музеи, универзитети, туристички оператори и стручни лица од повеќе земји. Според организаторите, на настанот учествуваат околу 150 изложувачи, а програмата вклучува изложбени презентации, стручни работилници и претставување на современи мултимедијални, интерактивни и виртуелни технологии за интерпретација и промоција на археолошкото наследство.

Берзата има значајна улога во валоризацијата на археолошките паркови и музеи, развојот на културниот туризам и афирмацијата на археолошките локалитети како препознатливи туристички дестинации. Поддршката од меѓународни организации, меѓу кои УНЕСКО и UN Tourism, дополнително го потврдува нејзиното значење како платформа за интеркултурен дијалог, размена на знаења и воспоставување нови партнерства.

Заедно со тимот на УЗКН, продолжуваме посветено да ги претставуваме македонските културни вредности пред меѓународната јавност, да отвораме можности за нови партнерства и да ја афирмираме заштитата и промоцијата на културното наследство како приоритет и значаен потенцијал за одржлив развој на Република Македонија.

Поврзани вести