Skip to main content

Нови перспективи за културно поврзување со Словачка

Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, оствари билатерална средба со заменик-претседателката на Владата на Словачката Република и министерка за култура, Мартина Шимковичова, која престојува во официјална посета на земјава, при што беше потпишан нов Договор за соработка во областа на културата, со кој се отвораат нови можности за унапредување на културната размена и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.

Во топла и пријателска атмосфера се разговараше за добрите билатерални односи кои се базираат на меѓусебна доверба и срдечно пријателство и можностите за продлабочување на соработката во областа на културата и туризмот.

Министерот Сулејмани се заблагодари на Словачка за поддршката на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, изразувајќи уверување дека постојат значајни можности за унапредување на билатералните односи, особено во областа на културата.

Тој истакна дека потпишувањето на новиот договор претставува важен чекор кон поинтензивна размена меѓу културните институции, уметниците и културните работници од двете земји, како и можност за реализација на нови иницијативи.

Министрите разговараа за соработката во сите дејности од областа на културата, со особен акцент на програмите за деца и поттикнување на нивната креативност, при што беше споделено позитивното искуство со успешното функционирање на ваква институција во Словачка.

Министерот Сулејмани го поздрави отворањето на лекторатот по македонски јазик на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра во 2025 година, истакнувајќи го неговото значење за афирмацијата на македонскиот јазик и за поврзувањето на академските и културните заедници.

Соговорниците ја нагласија и важноста на заедничките активности во рамките на Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј, преку изложби, научни собири и други настани посветени на афирмацијата на заедничкото европско културно наследство.

Како конкретни можности за продлабочување на културните врски беа разгледани организирањето Денови на нашата култура во Словачка и Денови на словачката култура во Македонија, како и воспоставувањето директни партнерства меѓу културните институции и организаторите на културни настани.

На средбата беа разменети и искуства во врска со организацијата на манифестацијата „Европска престолнина на културата“, имајќи предвид дека словачкиот град Тренчин ја носи оваа титула во 2026 година, додека Скопје е предвидено да биде Европска престолнина на културата во 2028 година.

Во разговорите беше опфатена и можноста за унапредување на соработката во областа на туризмот, преку размена на искуства и промоција на туристичките потенцијали на двете земји.

На крајот од средбата, соговорниците ја потврдија подготвеноста за развој на конкретни иницијативи и нови партнерства што ќе ги поврзуваат културните институции, уметниците и граѓаните на Македонија и Словачка.

Поврзани вести