Skip to main content

Мицкоски: По шест месеци од најавуваните „скандали“ за унгарскиот кредит, нема ниту „К“ од криминал

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на собраниската седница за пратенички прашања ги отфрли обвинувањата на лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, за наводни врски меѓу актуелната власт во Македонија и политичките случувања во Србија, оценувајќи дека станува збор за лаги и политички конструкции. Осврнувајќи се на претходните обвинувања на опозицијата за неговите односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Мицкоски рече дека по шест месеци, наместо најавуваните скандали, потврда за соодветното користење на средствата е денешниот извештај на Државниот завод за ревизија за унгарскиот кредит.

– Овие прес-конференции што ги пренесува вашата политичка партија, а се однесуваат на изборите во Србија и нивното поврзување со нас, во контекст на тоа кој чиј и каков ментор бил, нема да ги коментирам. Ќе оставам времето да даде одговор на сето тоа што го кажувате денеска и на лагите што ги испраќате. Јас вчера во една моја изјава им се извинив на граѓаните за сето она што ќе го слушаат во периодот што следува. Тоа е едноставно нивото со кое вие мислите дека во овој момент ќе добиете гласови. Тоа е ваша одлука, слободно водете политика онака како што мислите. Но, ако мене ме прашувате за совет, мислам дека чекорите многу погрешно. Но, тоа е ваша одлука, јас нема тука да се мешам – изјави Мицкоски.

Тој потсети дека, како што рече, СДСМ и пред шест месеци упатувала слични обвинувања за неговите односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Истото го зборувавте и за Орбан пред шест месеци, истите прес-конференции од А до Ш. Споредете ги и во овие шест месеци, и тогаш велевте дека ќе се откриеле криминалите на Мицко со Орбан, не знам што сè се случуваше и така натаму. Но, еве, поминаа шест месеци, се откри една работа, дека сме земале добар финансиски кредит од страна на Унгарија. Кредит што го употребивме соодветно, а доказ за тоа дали сме го употребиле соодветно е денешниот извештај од Државниот завод за ревизија – рече премиерот.

Мицкоски посочи дека средствата од унгарскиот кредит биле наменети за поддршка на македонската економија, за враќање еврообврзница издадена од претходната влада и за поддршка на домашното стопанство.

– Денеска Државниот завод за ревизија вели дека средствата од унгарскиот кредит се наменети за раст на македонската економија, дел дека се наменети за враќање на еврообврзница што вашата влада ја има подигнато, тоа е половина милијарда, и дел дека се за поддршка на македонското стопанство – рече Мицкоски.

Според него, досегашните шест месеци не донеле докази за криминал поврзан со кредитот, туку, како што оцени, потврда дека Владата ги искористила средствата во интерес на државата.

– Значи, во овие шест месеци нема ни „К“ од криминал, туку потврда дека оваа Влада за оваа држава направила добро дело – нагласи премиерот.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче поставувајќи му пратеничко прашање на премиерот рече изјави дека системот на политичка поддршка од Унгарија и Србија се губи со падот на Вучиќ и дека ќе мора да одговара на прашања и надвор од собраниската сала.

– Јас знам дека тебе сега не ти е лесно, го нема и вториот ментор. Тој систем на поддршка од Србија полека се губи и ќе останеш сам. Се поставува прашањето што ќе правиш? Веројатно ќе треба да одговараш на прашања не само тука, меѓутоа и на некои други места. Па ќе се отворат прашања за кинеските пари од Унгарија, за Алта банка, за тоа дали има навистина, како што сè повеќе имаме информации, трансфер на пари од Србија тука. Некои документи видов пред неколку дена. Ако е тоа стварно така, мене ми е вака човечки жал за тебе, да ти кажам право, не политички, ама патот сам си го избираш – рече Филипче.

Поврзани вести