
Со нова песна, ексклузивно откриени музички гости и најава за концертно шоу што ќе донесе поинакво искуство за публиката, македонскиот музички бренд „Некст тајм“ ги засили очекувањата за големиот концерт на 27 ноември во арената „Борис Трајковски“.
На вчерашната прес-конференција, Мартин и Стефан Филиповски ги открија дел од деталите за претстојниот музички спектакл, но и ја промовираа својата најнова песна, „Години“.
Меѓу најзначајните најави беа имињата на специјалните гости кои ќе им се придружат на сцената – познатата македонска група „Синтезис“ и младата музичка ѕвезда Антониа Гиговска, со што концертот добива дополнителна музичка димензија и ветува вечер исполнета со различни музички изрази.
На прес-конференцијата присуствуваа претставници на медиумите, соработници и пријатели на дуото, кои имаа можност да дознаат повеќе за подготовките и визијата зад концертот.
Паралелно со најавите за големиот настап, „Некст тајм“ ја претставија и „Години“ – нивното најново музичко остварување, создадено во соработка со Лазар Цветковски и Магдалена Цветковска. Песната е придружена и со видеоспот, чиј режисер е Stedy Flow.
Браќата Филиповски најавија дека публиката на 27 ноември ја очекува концерт поинаков од сè што досега имала можност да види и слушне од нив.
Сакаме на публиката да ѝ понудиме нешто поинакво од она на што досега е навикната. Подготвуваме концерт со многу изненадувања, посебна сценска приказна и моменти што веруваме дека долго ќе се паметат. Сакаме ова да биде вечер во која публиката не само што ќе ги слуша нашите песни, туку и вистински ќе го почувствува секој момент, порачуваат Мартин и Стефан Филиповски.

Македонски

