Skip to main content

Фертилитетот во ЕУ на најниско ниво од 2001 година, слично е и во Македонија

Стапката на фертилитет во Македонија изнесува 1,35 живородени деца по жена, што е речиси на исто ниво со просекот во Европската Унија, кој во 2024 година достигнал рекордно ниски 1,34 деца по жена, покажуваат податоците за демографските движења на Евростат.

Стапката на фертилитет во Унијата во 2024 година била најниска откако започнало следењето на оваа статистичка серија во 2001 година. Во изминатите 20 години таа постојано била под нивото од 2,10 живородени деца по жена, кое се смета за потребно за природна замена на населението, движејќи се во распон од 1,34 до 1,57 деца по жена.

Слична е состојбата и во Македонија иако има разлики меѓу регионите. Над националниот просек од 1,35 деца по жена се Скопскиот регион со стапка од 1,73, Североисточниот со 1,40 и Пелагонискиот со 1,36.

Под националниот просек се Полошкиот и Југозападниот регион, со по 1,27 живородени деца по жена, Вардарскиот со 1,31, Југоисточниот со 1,30 и Источниот регион, каде стапката е најниска и изнесува 1,16 деца по жена.

Регионалните податоци за Европската Унија покажуваат дека од вкупно 1.165 региони за кои има достапни податоци, во 439 региони, односно 37,7 проценти, стапката на фертилитет била под просекот на Унијата. Во 714 региони, или 61,3 проценти, таа била над просекот, додека во 12 региони била еднаква на просечната стапка на ЕУ.

Стапка од најмалку 1,75 живородени деца по жена е регистрирана во 14 региони во Бугарија и Франција, шест региони во Германија, три во Словенија и по два региона во Унгарија, Холандија и Романија. Таква стапка е забележана и во по еден регион во Ирска, Грција, Хрватска и Словачка.

Најниски стапки на фертилитет во ЕУ се забележани во Шпанија, особено во северозападниот дел и во одредени островски региони, како и во поголемиот дел од Италија, особено на Сардинија.

Стапка од помалку од едно живородено дете по жена е регистрирана во 16 региони во Шпанија, седум во Полска, пет во Италија, три во Грција и по два региона во Германија и Литванија.

Поврзани вести