
Промоцијата на македонскиот превод на книгата „Зад мене белина“ од Мартин Кушеј, која се одржа на 27 октомври во барот „Бистро“ на Театар Комедија, беше првиот настан во рамките на програмата на Генералната асемблеја на „Еуродрам“, која од 27 октомври до 1 ноември се одржува во Скопје.
Авторот на книгата Мартин Кушеј е еден од најзначајните современи австриски театарски и оперски режисери во германското јазично подрачје и поранешен директор на „Бургтеатарот“ од Виена. Роден е во 1961 година во Волфсберг во Корушка, Австрија, во семејство со словенечко потекло. Прво студирал германски јазик и спорт на Универзитетот во Грац, а потоа режија на тамошната Висока школа за музика и сценски уметности.
Во својата прониклива автобиографска книга „Зад мене белина“, тој фрла поглед на својата работа и се занимава со „живеењето во мигот“, кое никаде не е толку интензивно како што е на сцената. Неговата книга досега е преведена на словенечки, руски, чешки и на македонски јазик. Преведотна македонски јазик е на Дарко Јан Спасов и Горан Додевски. Вовед во промоцијата во Скопје даде токму Дарко Јан Спасов, додека за книгата зборуваше актерот Ѓорѓи Јолевски.
Имам само неколку минути да ја споделам со вас импресијата од запишаните мисли на Мартин Кушеј во книгата „Зад мене белина“. Тоа е невозможно. Чувството на блискост, восхит, сомисленик, сопатник кој во паралелен свет и различна култура на сличен начин пулсира во сферата на уметноста и таканаречениот реален свет за мене е воодушевувачко и многу емотивно. Се прашував од кој агол да зборувам и одлучив да ги издвојам темите и ставовите кои силно влијаеле во моето уметничко патување и кои емотивно ме допреа и ми потврдија дека и некој друг, таму некаде, ги има дилемите со кои се судирам и кои ми биле во фокусот на интерес во различен период од животот.Провокација, идентитет, смрт, татковина, тела, јазик, љубов, слобода, Бог, по мене белина – тоа се темите, односно’рбетот на ова четиво – истакна Јолевски.
На промоцијата беше присутна и Тина Махкота, која зборуваше за возбудливиот пат на нејзиниот превод на книгата на словенечки јазик, иако претходно не се познавале со Кушеј.
Промоцијата се одвиваше во срдечна и пријателска атмосфера во која Кушеј зборуваше за своето потекло, за работата во Австрија и Германија, но и за неговите периоди од животот поминати во Словенија. На присутните им откри дека вистински го допреле зборовите кажани на промоцијата на неговата книга.
По промоцијата, во рамките на програмата на „Еуродрам“, пред полн салон во Театар Комедија, прикажана беше претставата „Парови“ од Ана Ристоска Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, а во изведба на Драмски театар – Скопје.
Свеченото отворање на Генералната асемблеја на Еуродрам ќе се одржи на 28 октомври (среда), во 20:00 часот, во Театар Комедија, пред изведбата на претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“. Присутните ќе ги поздрави Едмонд Сотир, директор на Театар Комедија. Драматургот Дарко Јан Спасов ќе го претстави новото издание „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001–2026“ од Иван Додовски, објавено од Театар Комедија со поддршка на Министерството за култура и туризам.
На отворањето ќе биде претставено и изданието „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“, подготвено од Шенај Мандак.
По претставувањето на публикациите ќе се обрати Иван Додовски, претседател на Еуродрам, кој ќе зборува за јубилејот и за Генералната асемблеја во Скопје. Во име на мрежата, тој ќе му врачи плакета на основачот Доминик Долмие, во знак на благодарност за неговата визија и за 25 години посветена работа.
Седмицата на Еуродрам и Генералната асемблеја се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија, Гете-институт – Скопје, ДААД – Германската служба за академска размена – Скопје, Канцеларијата на „Креативна Европа МК“ и Европска куќа – Скопје, како и со придонесот на спонзорите и партнерите. Домаќини на асемблејата се Театар Комедија и Македонскиот комитет на Еуродрам.

Македонски

