
Кина денес има повеќе луѓе над 65 години отколку деца, што го потврдува обемот на брзото стареење на населението во земјата и намалувањето на наталитетот, објавија денеска британските медиуми.
Според податоците од Националното биро за статистика на Кина, односот на старото население кон работоспособното население во 2025 година бил 23,1 процент, во споредба со 22 проценти за децата, објави државниот кинески медиум „Јикаи“ (Yicai).
Овој однос континуирано расте, од 15 проценти во 2016 година до повеќе од 20 проценти во 2021 година.
Податоците покажуваат дека денес во Кина живеат повеќе од 223 милиони луѓе на возраст од 65 години и постари, додека има околу 213 милиони деца под 14 години.
Населението на Кина минатата година се намали четврта година по ред, додека стапката на наталитет падна на рекордно ниско ниво.
Стапката на наталитет во Кина е во опаѓање со децении, а главните фактори ја вклучуваат политиката за едно дете, која беше спроведена од 1980 до 2015 година, и забрзаната урбанизација.
Кинеските власти воведоа голем број мерки за поттикнување на бракот и раѓањето деца, вклучувајќи финансиски бенефиции за семејствата, субвенции за грижа за деца и намалување на трошоците за здравствена заштита поврзани со породувањето.
Властите, исто така, најавија напори за создавање поповолни услови за младите луѓе, децата и семејствата во урбаните средини. (МИА)

Македонски

