Skip to main content

Средношколецот Јон Ѓорѓиевски од Охрид освои прва награда на Фестивалот на непрофесионален филм

Младиот и талентиран Јон Ѓорѓиевски освои златна плакета во категоријата експериментален филм на јубилејното 55. издание на Државниот фестивал за непрофесионален, односно аматерски филм на Македонија (ДФНФ), објави неговото училиште, гимназијата „Св. Климент Охридски“.

Наградата Ѓорѓиевски ја доби за својот авторски проект „Во спектарот (музика)“, краток филм во кој приказната се пренесува без дијалог, а музиката е главниот носител на емоцијата и уметничкиот израз.

Посебна вредност на филмот е тоа што музиката е целосно авторско дело на Ѓорѓиевски, кој самостојно ја компонирал, снимил и продуцирал.

„Со тоа, младиот автор покажува креативност и посветеност, обединувајќи ги визуелната уметност и музиката во оригинално филмско остварување. Успехот на Јон претставува признание за неговиот талент и творечки потенцијал, но и повод за гордост на неговото училиште. Му честитаме за освоената награда и му посакуваме уште многу успеси и нови креативни остварувања во светот на филмот и уметноста!“, велат од училиштето.

Поврзани вести