Skip to main content

Младите се запознаа со фото-архивата на Офицерскиот Дом во Битола: презентација на резултатите од проектот „Резонантна меморија“

Фотографии стари повеќе од еден век, извадени од архивските фиоки, добиваат нов живот. На 28 октомври 2026 година, во 19:30 часот, во Офицерскиот Дом во Битола ќе се одржи завршниот настан на проектот „Офицерски Дом – Резонантна меморија на градот Битола“, на кој ќе бидат претставени резултатите од работилниците со млади учесници од Битола.

Низ работилниците, учесниците ја истражуваа визуелната историја на Домот преку архивски аналогни фотографии, запознавајќи го процесот на создавање на аналогната фотографија, дигиталното архивирање и репарација на стари снимки, како и обработката на фото-архивата со современи дигитални алатки. Она што произлезе од тоа искуство, сега излегува пред публика, во просторот што го инспирира целиот проект.

На настанот посетителите ќе можат да видат дигитални фотографии на младите автори, инспирирани од Офицерскиот Дом и од архивските фотографии на браќата Јанаки и Милтон Манаки, како и промотивни видеа за Домот изработени од фото-архивата.

Проектот „Резонантна меморија“ ја поврзува богатата фото-архивска историја на Офицерскиот Дом со современите дигитални и креативни алатки, а неговата цел е да поттикне нова интерпретација на локалното културно наследство и да создаде трајни аудио-визуелни содржини кои ќе придонесат кон јавната видливост, културната промоција и интеграцијата на Домот во локалната културна и туристичка понуда.

Влезот на настанот е слободен, а јавноста е поканета да дојде и да го види Офицерскиот Дом низ окото на камерите од пред 100 години и низ погледот на младите кои денес ги читаат тие слики.

Поврзани вести