
Со промоција на блу-реј издание на „Македонска крвава свадба“, во Кинотека денеска се одбележа Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.
Македонскиот филм на Трајче Попов од 1967 година, всушност претставува екранизација на истоимената драма на Војдан Чернодрински од 1900 година. Филмот беше дигитализиран во 2025 година како дел од проектот „Сезона на филмски класици“, инициран и координиран од Асоцијацијата на европски кинотеки (АЦЕ) и поддржан од програмата Creative Europe MEDIA на Европската Унија.
Директорот на Кинотека, Бошко Грујоски рече дека денеска се одбележува 27 октомври – Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, прогласен од УНЕСКО, ден посветен на значењето на филмот, фотографијата, звучните записи и другите аудиовизуелни документи како сведоштва за нашето минато и како дел од колективната меморија на човештвото.
Аудиовизуелното наследство не е само збирка на стари филмски ленти, фотографии и звучни записи. Тоа е живо сведоштво за времето во кое настанало, нагласи директорот, за луѓето што го обликувале, за општествата во кои живееле и за вредностите, идеите и противречностите што ги одбележале нивните животи. Но, ова наследство е и исклучително ранливо. Филмските материјали се подложни на физичко пропаѓање, а технолошките промени постојано наметнуваат нови предизвици за нивното зачувување и понатамошна достапност. Токму затоа, работата на филмските архиви и кинотеките има особено значење. Нашата задача не е само да ги зачуваме филмовите како физички материјали, туку да обезбедиме тие да продолжат да живеат – да бидат достапни, да се прикажуваат, да се истражуваат и да комуницираат со новата публика, рече Грујоски.
Кинотека, рече тој, преку својата архивска, истражувачка и издавачка дејност, како и преку процесите на дигитализација и дигитална реставрација, континуирано работи на зачувувањето на македонското филмско наследство.
Денешното одбележување на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го посветуваме на едно од најзначајните остварувања во историјата на македонската кинематографија – филмот „Македонска крвава свадба“ на режисерот Трајче Попов, снимен во 1967 година, според истоимената драма на Војдан Чернодрински, додаде Грујоски.
Притоа, тој истакна дека ова издание е резултат на посветената работа на Кинотека во областа на заштитата, реставрацијата и дигитализацијата на македонското аудиовизуелно наследство. Преку современи процеси на дигитална обработка, внимателно се обновени сликата и звукот на филмот, со цел да се зачува неговата автентичност и да се овозможи нов живот за ова значајно дело пред современата публика. Дигиталната реставрација овозможува современата публика повторно да го доживее филмот речиси онака како што бил гледан при неговото прво прикажување – со обновена слика, почист звук и зачувана емоционална сила што и денес подеднакво допира.
Дигитализацијата и дигиталната реставрација на „Македонска крвава свадба“, беа реализирани во 2025 година со помош на Министерството за култура и туризам, во рамки на проектот „Сезона на класични филмови“, координиран од Асоцијацијата на европски кинотеки, со поддршка на програмата „Креативна Европа МЕДИА“ на Европската Унија. Денеска, со промоцијата на изданието, правиме уште еден чекор во насока на зачувувањето и пошироката достапност на ова значајно дело. Верувам дека токму во ова се состои суштината на нашата работа – да го зачуваме минатото, но, истовремено, да му овозможиме да биде дел од сегашноста и да остане достапно за иднината, подвлече Грујоски.
Филмолозите Александар Трајковски и Дамјана Патчева пред присутните говореа за предизвиците при дигитализацијата на овој исклучително значаен филм.
„Македонска крвава свадба“ беше еден од поголемите предизвици, пред сè, поради тоа што е филм што веројатно сите го имаат гледано и сите имаме некое мислење за тоа како тој треба да изгледа и слично. Голема среќа имаме што за материјалот имаме можност да имаме добро сочуван негатив материјал од филмот – рече, меѓу другото, Трајковски.

Македонски

