
Европската интеграција на Србија и дијалогот за нормализирање на односите со Косово ќе продолжат, изјави Илија Срдановиќ, носителот на „Студентска листа – Студентите победуваат“, која победи на неделните предвремени парламентарни избори во Србија.
Во интервју за српската редакција на Радио Слободна Европа, тој рече дека ќе биде направено сè што е можно за граѓаните да добијат информации за тоа што носи членството во Европската Унија (ЕУ).
-Остануваме на патот на европската интеграција. Србија се обврза на процесот на европска интеграција уште во 2000 година, пред 26 години. Но, она што со сигурност можеме да го ветиме е дека нема да го направиме она што го направи претходната влада, односно за 15 години да ја намалиме поддршката за европската интеграција меѓу српските граѓани за 20 проценти. Тоа е конечниот резултат, конечниот биланс на она што го направи претходната влада. Секако, врз основа на истите цивилизациски вредности – почитување на правата и еднаквоста, борба против корупцијата, функционални институции и слобода на медиумите – целосно ќе ја усогласиме домашната политика на државата со поглавјата 23 и 24, кои се главните пречки за понатамошно напредување кон членство во ЕУ – рече тој.
-Продолжувањето на дијалогот за Косово и Метохија е суштински дел од студентскиот план. Целата платформа за внатрешните и меѓународните односи на Србија се заснова на почитување на Уставот на Република Србија – нагласи Срдановиќ.
Тој повторно повика да се избегне каква било форма на реваншизам во Србија и оцени дека владата во заминување на Ѓуро Мацут е одговорна за актуелната безбедносна состојба, најавувајќи дека во новиот парламент ќе биде донесен закон за лустрација.
Срдановиќ беше носител на „Студентската листа“, формирана врз основа на одлуките на пленумите на факултетите во Србија. Стратегијата на движењето, произлезено од двегодишните протести против корупцијата и за владеење на правото, беше создавање организација без лидер.
На прашањето дали би прифатил да биде кандидат на „Студентската листа“ за премиер, тој одговори потврдно.
-Можеме да го кажеме следново: ќе биде избран кандидатот за кој заеднички ќе оцениме дека ќе работи најдобро во интерес на граѓаните на Србија – рече Срдановиќ, додавајќи дека пратениците на „Студентската листа“ ќе одлучат кој ќе биде кандидат за премиер.
Срдановиќ изјави и дека сите прашања, вклучително и оние од надворешната политика, ќе бидат решавани преку отворен дијалог со граѓаните на Србија.
-Ќе започнеме дијалог и ќе им овозможиме на нашите граѓани да ја изберат насоката што ја сметаат за најдобра за нив. Но, овој дијалог мора да биде отворен и транспарентен, а не да се води од режимот на начинот на кој сме навикнати во последните 15 до 20 години – рече тој.
МИА

Македонски

