
Швајцарците на 29 ноември на референдум ќе одлучуваат за забрана на огнометот. Предлогот е инициран од организации за заштита на животните и животната средина, а според првите анкети, има голема поддршка од граѓаните. Вкупно 69% од испитаниците ја поддржуваат забраната, додека 29% се против неа.
Целта на иницијативата е да се заштитат животните и луѓето од бучава, загадување на воздухот, повреди и пожари предизвикани од пиротехнички средства.
„За домашните миленици, дивите и домашните животни, огнометот не е прослава, туку чист стрес“, соопшти швајцарската организација за заштита на животните Schweizer Tierschutz STS, која ја поддржува иницијативата.
Истражувањето спроведено за швајцарската јавна радио и телевизија покажа дека предлогот има мнозинска поддршка кај гласачите од различни политички убедувања. Особено го поддржуваат жените, меѓу кои 76% се за забраната, во споредба со 60% од мажите.
Забраната нема да ги опфати сите пиротехнички средства. Предлогот предвидува забрана за продажба и употреба на бучни огномети, додека потивки алтернативи, како што се прскалки и таканаречени вулкани што фрлаат искри, сè уште би биле дозволени.
Швајцарските кантони би можеле да одобрат исклучоци за големи јавни прослави, на пример на швајцарскиот национален празник 1 август. Но, поединците не треба да користат бучни огномети дури ни тогаш.

Македонски

