
Сторителот на терористичкиот напад врз Амбасадата на САД во Сараево во 2011 година, Мевлид Јашаревиќ, денеска не беше ослободен иако неговата 15-годишна затворска казна беше истечена, бидејќи беше отворена постапка за одлучување по ненадејното барање на САД за негова екстрадиција.
Судот на Босна и Херцеговина во Сараево одржа рочиште врз основа на кое судот треба да одлучи дали Јашаревиќ треба да биде ставен во притвор до екстрадиција.
Во 2011 година, тој отвори оган со митралез врз комплексот во кој се наоѓа Амбасадата на САД во Сараево, испукувајќи повеќе од сто куршуми, при што беше повреден еден полицаец. Јашаревиќ како член на радикалната исламистичко-вахабистичка заедница наведе дека го извршил нападот за да ги принудат САД да се повлечат од Авганистан.
Судот на БиХ го класифицираше нападот како терористички прекршок и го осуди Јашаревиќ на 15 години затвор.
Адвокатката на Јашаревиќ на денешното рочиште се спротивстави на барањето за екстрадиција на нејзиниот клиент. Таа тврди дека обвинението поднесено во САД е практично идентично со она според кое тој веќе бил осуден во БиХ и дека не може да биде суден двапати за исто кривично дело.
Постои забрана за двојно судење во сите држави, Јашаревиќ во БиХ ја отслужи казната до последен ден, изјави неговата адвокатка. (МИА)

Македонски

