Skip to main content

Николоски: Во ноември се очекуваат нови 75 милиони евра од Планот за раст

Во ноември во македонскиот буџет треба да бидат исплатени нови 75 милиони евра од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето во „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

Според Николоски, досега во буџетот се исплатени повеќе од 150 милиони евра врз основа на спроведените реформи. Со очекуваната нова транша, вкупната сума ќе надмине 225 милиони евра.

Тој посочи и дека преку грантови од европските средства се поддржуваат инфраструктурни проекти. За автопатот Кичево–Букојчани, рече Николоски, се обезбедени 20 милиони евра грант, за делницата Скопје–Блаце 40 милиони евра, а за третата фаза од железничкото поврзување со Бугарија 149 милиони евра.

Николоски оцени дека меѓу земјите во регионот се издвојуваат оние што спроведуваат реформи и оние кај кои напредокот е послаб. Тој ги посочи Македонија, Црна Гора и Албанија како држави што напредуваат, а изрази надеж дека средствата првично наменети за Србија, Косово и Босна и Херцеговина би можеле да бидат пренасочени кон трите земји.

„Идејата е средствата коишто беа предвидени за овие три држави да дојдат на страна на Македонија, Црна Гора и Албанија, каде што ние би оделе над овие 750 милиони евра кои сега се предвидени“, рече Николоски, без да прецизира за која распределба се однесува сумата од 750 милиони евра.

Поврзани вести