
Зошто тинејџерите понекогаш реагираат бурно, тешко го контролираат бесот и дозволуваат една навреда или провокација да прерасне во конфликт? Колку хормоналните промени во пубертетот влијаат врз нивните емоции и дали тестостеронот навистина ги прави поагресивни? Зошто мозокот на младите понекогаш реагира побрзо отколку што тие можат да ги контролираат своите импулси? И, најважно, дали родителите и возрасните знаат како да им помогнат да се справат со силните чувства, наместо бесот да го претворат во насилство? За овие прашања разговаравме со д-р Костадинка Ѓуровска, специјалист гинеколог-акушер и со психологот Тина Чочоровска кои во разговор за „Република“ објаснуваат што се случува со тинејџерите во овој чувствителен период, како да се препознаат нивните емоционални потреби и зошто разбирањето, доследноста и јасните граници се важни за нивното растење.
Сите релевантни медицински статистички податоци потврдуваат дека денешните деца влегуваат во пубертет забележливо порано во споредба со минатите генерации.
Главните причини се поврзани со модерниот начин на живот – начинот на исхрана и телесната тежина, секојдневната изложеност на одредени хемикалии (пластика, козметика, преработена храна) кои го имитираат дејството на естрогенот, и стресот – хроничниот психолошки стрес и брзиот ритам на живеење.
Но, што значи ова за развојот на децата? Тука го имаме најголемиот проблем — создавање на голем јаз меѓу физичката и емоционалната зрелост. Девојче кое на 8 или 9 години ги добива првите телесни промени може надворешно да добие тело на млада жена, но нејзиниот ум, емоционален и когнитивен капацитет остануваат на ниво на мало дете. Ова дете одеднаш се соочува со очекувања и притисоци од средината и социјалните мрежи за кои сè уште ги нема изградено емоционалните алатки, што го прави исклучително ранливо на анксиозност, ниска самопочит и предвремена сексуализација, вели д-р Ѓуровска.
Во истиот период кога хормоните се менуваат, мозокот на адолесцентот сè уште се развива. Оттука е и прашањето како овие два процеси се преклопуваат и зошто тинејџерот може да почувствува исклучително силна емоција, а потешко да ја контролира?
Според д-р Ѓуровска, најлесен начин за ова да се разбере е дека во адолесценцијата мозокот се развива со „две различни брзини”.
Од една страна, центарот за емоции и реакции во мозокот созрева многу рано и под дејство на хормоните станува екстремно осетлив. Овој дел моментално ја пали искрата за среќа, лутина, страв или тага. Од друга страна, центарот за разум, логика и самоконтрола — делот што размислува за последиците и вели ‘почекај, размисли пред да реагираш’ — созрева многу побавно, односно дури во средината на дваесеттите години.
Ако треба ова да го опишеме со една едноставна слика: тинејџерот во својот мозок одеднаш добива моќен мотор од спортски автомобил, но сè уште ги има сопирачките од велосипед. Затоа емоцијата се јавува силно, моментално и експлозивно, а капацитетот да се спречи или „исклучи” таа реакција сè уште физиолошки не е изграден до крај, објаснува д-р Ѓуровска.
Сведоци сме за се поизиразеното насилство меѓу учениците кое не се случува само во училиштата, туку и надвор од нив, на места кои обично служат за забава или релаксирање, каде што дружењето треба да биде во прв пан. Но, наместо тоа, се случува обратна ситуација. Ја прашавме д-р Ѓуровска дали може да се зборува за „хормонална причина“ за насилство кај младите, или тоа би било премногу поедноставување? Каде завршува влијанието на биологијата, а каде почнуваат семејството, средината, социјалните мрежи, стресот и воспитувањето?
Да се обвинат единствено хормоните за насилството кај младите е научно неоправдано. Хормоните не се „виновници” што создаваат насилство од ништо, смета докторката и објаснува:
За подобро да го разбереме ова, можеме да го поделиме влијанието на следниот начин – физиолошката транзиција и синтезата на хормоните ја одредуваат „температурата” на мозокот. Тие го поставуваат нивото на внатрешна енергија, брзината на реакција и импулсивноста. Хормоните ја даваат силата и искрата.
Меѓутоа, средината одлучува каде ќе отиде таа енергија. Семејството, воспитувањето, социјалните мрежи, притисокот од врсниците и нивото на стрес се оние кои го наведуваат детето како да се справи со таа енергија. Слободно можеме да кажеме дека физиолошката транзиција ја генерира внатрешната искра, но средината е таа што одлучува дали таа искра ќе стане деструктивен оган или гориво за спортување, амбиција, креативност и застапување за себе, вели д-р Ѓуровска.
Една од најчестите грешки што ги правиме сите ние како возрасни е тоа што од децата очекуваме да имаат самоконтрола на возрасен човек во период кога нивниот мозок и нивниот хормонален систем се уште интензивно се менуваат.

Да се обвинат единствено хормоните за насилството кај младите е научно неоправдано / Фото: Приватна архива
Човечкиот мозок е единствениот орган што минува низ толку драстична „градежна реконструкција” за време на адолесценцијата. Да очекувате од тинејџер, кој се наоѓа во самиот врв на хормоналната трансформација, секогаш да реагира смирено, пресметливо и зрело, значи да барате од него однесување за кое неговиот мозок сè уште ги нема целосно изградено потребните невронски патишта. Во овој период на младите им е потребна сопствена „надворешна сопирачка” — трпеливи возрасни кои со сопствената смиреност, разбирање и јасно поставени граници ќе бидат нивниот “надворешен разум”, сè додека нивниот сопствен мозок не созрее до крај, смета д-р Ѓуровска.
Пубертот е навистина предизвикувачки период. Со правилна поддршка децата го поминуваат овој период со помала анксиозност, со поголема самодоверба, смета психологот Тина Чочоровска.
Според неа, улогата на родителите е да обезбедат безбедност, стабилност, емпатија и водство во целиот овој процес и отворената комуникација и разбирањето се клучни во овој процес за да го придобиеме нашето дете.
Тинејџерите не бараат совршени родители, туку бараат доследни, трпеливи и присутни родители. Значи родител којшто е доследен на тоа што го прави и зборува, родител којшто работи на своето трпение и емпатичност и е тука присутен за своето дете, е сосем доволно за еден тинејџер да ја помине таа развојна фаза, смета Чочоровска.
Пубертетот е еден од најдинамичните и најкомплексните периоди во човечкиот живот. Тој претставува мост и голема трансформација од безгрижното детство кон репродуктивната зрелост и светот на возрасните.
Иако промените ги гледаме надворешно на телото, оваа голема трансформација всушност започнува длабоко во мозокот, со активирање на т.н. хипоталамо-хипофизна оска — главниот команден центар кој започнува да диригира сè што ќе се случува во организмот.
Овој каскаден процес најпрво води кон активирање на надбубрежните жлезди. Токму овде ги гледаме оние први знаци кои често ги изненадуваат децата и родителите: промена на мирисот на телото, појава на првите акни и срамни влакненца. Веднаш по оваа фаза, следи активирањето на половите жлезди — јајниците кај девојчињата и тестисите кај момчињата. Тие ја преземаат главната улога и го поттикнуваат брзиот телесен раст, оформувањето на телото и на крајот половото созревање, односно појавата на првата менструација кај девојчињата и можноста за создавање сперматозоиди кај момчињата, објаснува докторката.
Од стручен аспект, д-р Ѓуровска вели дека зад наглата раздразливост и бесот стои длабока, реална физиологија, а не просто ‘лошо однесување’.
Ако погледнеме на детскиот развој, периодот од шестата година до пубертетот (во психологијата познат како фаза на латенција) е еден релативно мирен период. Во таа фаза телото е природно фокусирано на учење, училиште, социјализација и хоби — без големи хормонални бранувања.
А потоа, пубертетот наеднаш го прекинува тој мир. Доаѓа до разбудување и на половите и на надбубрежните жлезди. Овој ненадеен хормонален прилив директно го преплавува емоционалниот центар во мозокот. Детето одеднаш се соочува со нов, огромен предизвик: физиолошката транзиција го турка да започне да гради сосема нови надворешни, емотивни и социјални односи и да се одвојува како самостојна личност. Бидејќи нервниот систем сè уште учи како да се справи со оваа огромна хормонална енергија, бесот и раздразливоста се всушност „нуспроизвод” на тоа внатрешно „преподесување”, а не намерна непослушност, вели д-р Ѓуровска.
Тврдењето дека повеќе тестостерон автоматски значи и поагресивно дете е исклучително чест медицински мит.

За подобро да го разбереме овој процес, еве каде е разликата меѓу заблудата и науката. Мит е дека тестостеронот е хормон кој од ништо создава насилно или агресивно однесување, а медицинскиот факт е дека тестостеронот не создава агресивност сам по себе, туку ја зголемува физичката енергија, погонот за натпревар, градењето статус и подготвеноста за ризик. Тој едноставно го засилува одговорот кога детето ќе почувствува фрустрација или закана. Затоа, поголемото количество тестостерон не треба да се гледа како негативна работа. Дали тој зголемен погон и енергија ќе се манифестираат како агресивно однесување, или пак ќе се преточат во истрајност во спортот, лидерство, фокус и конструктивен пркос, целосно зависи од капацитетот за саморегулација, воспитувањето и средината во која детето расте, додава д-р Ѓуровска.
Според Чочоровска, во пубертетот е многу важно да се нормализира целиот процес.
И себе си е важно да се потсетиме, покрај што ќе децата ќе ги потсетиме, дека ова е дел од растењето, дека ова не е ништо страшно и дека не е нешто што се случува само на мене. Значи, не сме сами кога ја поминуваме таа семејна животна фаза и индивидуална животна фаза. Важно е да му помогнеме на детето да ги именува емоциите. Важно е да се даде името на емоцијата, за да може детето да има точан увид во тоа што се случува и да го намали она нагонско реагирање, потенцира Чочоровска.
Менталното здравје во адолесценцијата е исто толку важно колку и физичкото, и силни емоционални кризи никогаш не треба да се занемаруваат или едноставно да се запишуваат како ‘обични хормони’, завршува д-р Ѓуровска.
Александра М. Бундалевска

Македонски


