Skip to main content

Романот за деца „Министерство за решенија“ од холандската писателка Сане Роузебаум објавен на македонски јазик

Објавен е романот за деца „Министерство за решенија“ (Het Ministerie van Oplossingen) од холандската писателка Сане Роузебаум, со илустрации на Марк Јансен, а во превод на македонски јазик на Ели Пујовска, духовита, возбудлива и топла книга за пријателството, храброста, солидарноста и едноставната, но моќна идеја дека понекогаш можеме да му помогнеме на некого и без да очекуваме нешто за возврат во издание на „Антолог“.

Што ако постои тајно министерство чија работа со векови е да им помага на луѓето да ги решат своите проблеми?

Некогаш постоело токму такво нешто – Министерството за решенија. Сите институции од овој вид во светот работеле во најстрога тајност, затоа што така било договорено: ако никој не знае дека постојат, полесно можат да им помагаат на луѓето. Но, кога службениците ја откриле својата тајна, холандското претставништво било затворено.

Шеесет и пет години подоцна, единаесетгодишната Нина случајно наидува на писмо упатено токму до Министерството. Писмото е од деветгодишниот Рубен, кој има проблем – во училиште го малтретираат. Нина и нејзината најдобра пријателка Алфа решаваат да му помогнат, иако се убедени дека такво нешто не постои. Но, со помош на Рубен и неговата сосетка, госпоѓа Вис, откриваат дека зад легендата навистина се крие вистинска приказна. А можеби токму тие можат да помогнат Министерството да се возобнови.

За да го направат тоа, Нина, Алфа и Рубен ќе треба да решат три проблеми на други луѓе – и сето тоа во најголема тајност. „Министерството за решенија“ е авантуристичка приказна со мистерија, тајни и многу хумор, но под нејзината возбудлива површина се крие една едноставна и важна порака: секој еден од нас може да направи нешто за некого.

Сане Роузебаум не им нуди на младите читатели големи морални лекции. Наместо тоа, им покажува деца кои забележуваат дека некој има проблем и едноставно решаваат да помогнат. Нина е љубопитна, храбра и импулсивна; Алфа е нејзината најдобра сојузничка; Рубен е дете кое има потреба некој конечно да застане на негова страна. Заедно откриваат дека решавањето на туѓите предизвици не е секогаш лесно – но дека малата помош понекогаш може да значи многу.

Особено интересна е и темата на врсничкото насилство, која во книгата е присутна без непотребна драматизација. Проблемот на Рубен станува повод децата да размислат за тоа што значи да се биде жртва, но и што значи да не се биде нем набљудувач кога некој друг страда. Приказната е полна со тајни, траги, мистериозни писма и неочекувани пресврти, но нејзиниот најголем „трик“ е во нешто многу пореално: да му помогнеш на другиот, треба најнапред да го забележиш.

Посебен шарм на книгата ѝ даваат и илустрациите на Марк Јансен, кои ја следат приказната со динамични цртежи и ѝ даваат дополнителна визуелна енергија.

„Министерството за решенија“ е првата книга од истоимениот популарен серијал, кој денес има повеќе продолженија. Самата авторка наведува дека првата книга е продадена во повеќе од 75.000 примероци, а серијалот прераснал во еден од омилените детски серии во Холандија и Фландрија.

Ова дело ги потсетува децата дека не мора да бидат суперхерои за да направат нешто важно. Понекогаш е доволно да видат дека некому му треба помош – и да решат да не поминат покрај него.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“, Холандската фондација за литература и на Министерството за култура на РС Македонија. Достапна е во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.

Сане Роузебаум / фото: Антолог

Сане Роузебаум (Утрехт, 1979) е холандска авторка на книги за деца. Студирала меѓународни односи со специјализација за човекови права на универзитетите во Амстердам и Сасекс, а пред да стане писателка десет години работела како новинарка за дневните весници „Де Перс“, „Врај Недерланд“, „ХП/де Тејд“ и за радиостаницата „Саблајм Еф-Ем“. Во тој период, меѓу другото, била дописник од Лондон. Живее во Ротердам со својот сопруг и со децата. Нејзината книга „Министерство за решенија“ неколкупати се нашла на годишната холандска листа на сто најомилени книги за деца, составена преку гласање на читатели. Во јули 2025 година, книгата е наградена и со „Златна книга“, бидејќи од нејзиното објавување во 2016 година, продадени се повеќе од 75 000 примероци.