Skip to main content

По протестите во Франција, Белгија парализирана од немири

Голем штрајк против мерките за штедење ја парализираше Белгија, додека протестите во Брисел се претворија во немири во кои демонстрантите ја таргетираа полицијата, палеа пожари и уништуваа јавен имот. 21 лице се приведени или уапсени, вклучувајќи 13 малолетници.

Според Ројтерс, неколку десетици маскирани лица облечени во црно фрлале камења и други предмети кон полицијата, додека на улиците одекнувале антиполициски слогани, а околните ѕидови биле покриени со слични графити.

Пожарникарите изгаснале неколку пожари, вклучително и во автобуси, додека полицијата одговорила со солзавец и водни топови.

Според полициското соопштение, на главниот протестен марш учествувале околу 30.000 луѓе и тој бил мирен. Сепак, немири избувнале во близина на главната железничка станица Брисел-Централ и во центарот на градот, каде што некои групи фрлале шишиња, тули, камења и пиротехнички средства кон полицајците, запалиле пожари и уништиле јавен имот.

21 лице било приведено или уапсено во врска со инцидентите, вклучувајќи 13 малолетници.

Штрајкот сериозно го наруши јавниот превоз и воздушниот сообраќај, а погодени се и многу училишта и градинки.

Штрајкот го свикаа двата најголеми синдикати во Белгија, социјалистичкиот FGTB/ABVV и христијанскиот CSC/ACV. Тие се противат на буџетските мерки за кои велат дека ќе го префрлат товарот на намалување на државниот дефицит врз работниците, пензионерите и домаќинствата со ниски приходи.

Белгискиот премиер Барт де Вевер во четврток изјави дека болните мерки се неопходни и мора веднаш да се спроведат за да се спречи спирала на зголемување на јавниот долг и трошоците за камати, што би оставило тежок финансиски товар врз идните генерации.

На протестите им се придружија и студенти, чии демонстрации започнаа претходно овој месец во Лиеж, а потоа се проширија во Брисел. Тие пронајдоа инспирација во протестите во соседна Франција.

Студентите се спротивставуваат на зголемувањето на трошоците за образование, пренатрупаните училници и реформите за кои се плашат дека ќе го направат високото образование помалку достапно.

На транспарентите пишуваше како „Образованието е право, а не привилегија“.

Никој воопшто не нè зема предвид и никој не разбира дека е тешко за нас, и за работниците и за студентите. И ние се бориме и ние сме иднината на оваа земја, изјави за Ројтерс Емили Л’Ону, 23-годишна студентка од Лиеж.

Штрајкот во Белгија е дел од поширок бран протести што ја зафаќа Европа. Студентите во Франција, Италија и други земји излегуваат на улиците поради финансирањето на образованието, додека десетици илјади луѓе во Шпанија протестираа поради кризата со домувањето.

Поврзани вести