
Алцхајмеровата болест можеби почнува да се развива во мозокот 20 години пред човекот да ги забележи првите симптоми. Денес, за првпат, науката има можност да ја открие болеста многу порано, а новите крвни биомаркери можат целосно да го променат начинот на кој ја дијагностицираме.
Од болест која долго време се сметаше за неизбежен дел од стареењето, Алцхајмеровата болест денес станува заболување кај кое раната дијагноза, превенцијата и забавувањето на прогресијата се реални цели. Новите терапии веќе можат да ја успорат болеста кај одредени пациенти, но за да имаат ефект, таа мора да биде откриена во рана фаза.
Во исто време, се отвораат и нови дилеми: кој треба да се тестира, дали треба да знаеме дека во мозокот започнал процес кој сè уште не ни предизвикува симптоми и дали нашиот здравствен систем е подготвен за ерата на раната дијагноза. Особено важно е што на ризикот за деменција не влијаат само генетиката и возраста, туку и фактори врз кои можеме да делуваме – од крвниот притисок и физичката активност до социјалната поврзаност и загадениот воздух.
Што денес знаеме за Алцхајмеровата болест што не го знаевме пред само пет години и колку сме подготвени за промената што ја носи раната дијагноза? За ова разговараме со проф. д-р Габриела Новотни од Одделот за когнитивна неврологија и невродегенеративни болести на Универзитетска клиника за неврологија во Скопје.
Мозокот се сака и се чува со секојдневни, мали, паметни избори, како добар сон, здрава храна, физичка активност, учење, дружење, радост. Зголемениот крвен притисок, вискиот шеќер и маснотии во крвта, дебелината, депресијата, алкохолот, цигарите, сите заедно го нарушуваат мозочното здравје и ја отвораат вратата за деменција, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Новотни.

Што денес знаеме за Алцхајмеровата болест што не го знаевме пред пет години?
Д-Р НОВОТНИ: Долги години полето на деменции беше статично и тие беа сфатени како болести кои доаѓаат со староста и ништо не може да направиме во врска со тоа.
Денес имаме сосем нова перспектива од која гледаме на оваа група заболувања, особено на Алцхајмеровата болест за која знаеме дека почнува да се развива во мозокот околу 20тина години пред да се појават симптомите, па оттука би рекла дека е болест на средовечните. Знаеме и дека 45 % од сите случаи на деменција може да се превенираат со модификација на животниот стил, а тоа преведено во бројки би било околу 70 милиони помалку заболени до 2050г. Ново е што за првпат имаме лекови со кои може да ја успориме прогресијата на болеста, иако се уште нема лек кој може да ја излекува. Но и ова не е малку, ова е е достигнување за кое сонувавме пред 10 години, а сега ширум Европа и светот се достапни lecanemab и donanemab, антиамилоидни моноклонални антитела кои успеваат да ги исчистат амилоидните плаки од мозокот. Науката се уште трага по одговорот зошто болеста, иако поспоро, сепак продолжува да напредува и тогаш кога „главниот виновник“- исталожениот амилоид го нема. Знаеме и тоа дека ако сакаме да ја успориме прогресијата на болеста со овие лекови, болеста мора да ја дијагностицираме рано во фаза на тн. благо когнитивно растројство, предстдиум на деменција или во фаза на блага деменција, што значи дека раната дијагноза станува предуслов за новиот третман. Дијагнозата во така ран стадиум се поставува со прецизни биомаркери што претставува сосем нов пристап во перцепцијата на Алцхајмеровата болест, од дијагноза само врз основа на клиничка слика во најнапреднат стадиум на деменција до прецизна биомаркериски потвдена болест присутна во мозокот уште при првите симтоми и знаци. Овој пристап отвора временски прозорец кој овозможува модификација на текот на болеста , а со тоа и на должината и на квалитетот на живот.
Дали иднината е во крвен тест кој ќе ја открива болеста при првите симптоми?
Д-Р НОВОТНИ: Годинава донесе голема промена во проекцијата на иднината на дијагностицирањето на Алцхајмеровата болест. Ако досега најпрецизниот тест што го користевме и кај нас во Македонија беа биомаркерите во цереброспиналната течност добиени со минимално инвазивна лумбална пункција, од годинава можеме да дознаеме што се случува во мозокот и дали болеста веќе започнала преку едноставен крвен тест.
Иднината на раната дијагноза е токму во овие тестови, дизајнирани да бидат достапни и во матичните амбуланти. Но со нив доаѓаат и нови предизвици. Раната дијагноза бара соодветна постдијагностичка поддршка во сите фази на болеста, од советување, до креирање индивидуален план за третман со лекови и нефармаколошки методи. На Клиниката за неврологија веќе користиме когнитивна стимулација како дополнителен нефармаколошки третман за лица во рана и умерена фаза на деменција.
Раната дијагноза отвора и многу прашања за кои мора да бидеме подготвени од психолошки, здравствен, социјален и етички аспект. Во блиска иднина потребно е центрите за деменција да се трансформираат во центри за деменција и мозочно здравје, места каде ќе се креира индивидуален план за превенција, ќе се поставува рана дијагноза со современи биомаркери, ќе биде достапна новата терапија со антиамилоидни антитела според протоколите, и многу важно, ќе се организира постдијагностичката поддршка за лицата со деменција и нивните семејства. Иако целта е рана дијагноза и третман, дијагнозата не е крај, туку почеток на болеста која напредува низ фази кои бараат различен, тимски и интердисциплинарен пристап. Верувам дека од следната година ќе ги имаме крвните биомаркери за Алцхајмерова болест, со што нашиот дијагностички протокол ќе биде комплетен според меѓународните препораки. Но паралелно мора да работиме, секако со поддршка од институциите, на обезбедување на новите лекови и на соодветна постдијагностичка грижа. Ова е особено важно затоа што над 80% од семејствата веќе се соочуваат со депресија. Овој податок е само крик за тоа дека над 24 000 семејства во Македонија се оставени сосем сами да се справуваат со предизвиците на болеста кои се одразуваат на здравјето сите кои се грижат деноноќно за своите сакани со деменција .
Враќајќи се на крвните биомаркери, да, тие се иднината, но мора да бидеме подготвени да ги пречекаме со мрежа и капацитети што ќе го прифатат зголемениот број лица со рана дијагноза. Ризично е и играње со човечки судбини да се нуди рана дијагноза без да се обезбеди навремен третман и постдијагностичка поддршка. Затоа неопходно е да постои Национален референтен центар за деменции и мозочно здравје кој ќе ја координира мрежата на центри низ државата. Седум министри за здравство досега се запознаени со овие потреби, а јас искрено се надевам дека ќе успееме да реализираме дел од неопходните организациски промени за да обезбедиме навремена, прецизна дијагноза и третман за илјадници лица во Македонија.

Ако таков тест стане достапен, дали треба сите да се тестираме?
Д-Р НОВОТНИ: Одговорот е краток и јасен, НЕ. Тестот е наменет само за оние кои веќе имаат почетни благи симптоми, кои имаат чувство дека меморијата ги издава, имаат потешкотии да најдат зборови во разговор, потреба за повеќе напор при ментални задачи, а не за лица без симптоми те. сосем здрави. Тестирањето мора да биде внимателно, со советување и со јасна причина. Не сакаме да создадеме генерација луѓе кои живеат со страв, туку генерација која е информирана, а тестот е алатка која треба да се користи со ум и во вистински раце.
Што му прават на мозокот висок LDL, висок притисок, дијабетес, загадениот воздух и физичката неактивност?
Д-Р НОВПТНИ: Сите наведени се дел од листата на 14 модифицирачки ризик фактори за деменција, со чија модификација би се превенирале дури 45 % од сите деменции. Различните ризик фактори делуваат преку различни, комплексни механизми кои ја оштетуваат мозочната циркулација, влијаат на енергијата на нервните клетки, предизвикуваат воспалителни промени, а заеднички го нарушуваат мозочното здравје, го прават мозокот ранлив и го забрзуваат неговото стареење.
Оттука во најголемиот број на случаи деменцијата не е судбина, туку последица на ризици кои може и треба да ги промениме. Скоро сите се индивидуални, што значи дека од нас самите зависи како ќе го чуваме нашиот мозок, но особено многу загрижува еден од овие ризик фактори, на кој за жал како поединец не можеме да влијаеме, а тоа е аерозагадувањето. Не можеме како единка, но можеме и мораме како општество. Бројни студии потврдуваат дека загадениот воздух е директно поврзан со зголемениoт ризик за Алцхајмерова деменција и тоа особено зголемената концентрација на PM 2.5 честичките, истите оние кои во во концентрации повеќе од 10 кратно над дозволените, секојдневно ги вдишуваме во Скопје. Од годинава, еве и тоа е ново, Светската Здравствена Организација официјано го вклучи аерозагадувањето како ризик фактор за деменција.

Дали Скопје и загадувањето треба да ги гледаме и како невролошки, а не само респираторен проблем?
Д-Р НОВОТНИ: Апсолутно, загадениот воздух не ги оштетува само белите дробови, туку забрзано го старее мозокот и го зголемува ризикот за деменција. Неодамна објавивме студија во списание Nature предводена од колегите од Латинска Америка, а заклучот е дека заедничкото влијание на негативните физички и социјални фактори од средината која не’ опкружува го забрзува стареењето на мозокот од 3 до 9 пати. Тоа преведено значи дека загадениот воздух, недостаток на зелени површини, високите температури и климатски промени во комбинација со невработеност, изолација, низок животен стандард забрзано го стареат мозокот, па така наместо вашиот мозок да има 50 г колку што е вашата хронолошка возраст, тој е постар за 14 години, односно возрастa на мозокот е 64 г. Ова е едно од можните објаснувања за зголемениот број на лица со Алцхајмерова болест со ран почеток (пред 65 г возраст) во Македонија во последните 4 години.
Дали губењето на слухот и видот може да влијае врз ризикот од деменција? Дали осаменоста е ризик за мозокот?
Д-Р НОВОТНИ: Кога мозокот не добива доволно стимули и живее во тишина, без јасна слика и во самотија, ризикот за деменција расте. Сите три во најголем број случаи може и треба да се коригираат. Осаменоста е еден од најголемите ризик фактори за порана смртност, не само за деменција, зашто мозокот е орган кој живее од стимулација, интеракција и поврзаност, а луѓето се социјални битија. Токму тоа недостасува во животот на многу повозрасни лица во Македонија, нешто на кое како општетство мора да работиме. Ние преку Институтот за Алцхајмерова болест и невронаука повремено организираме Алцхајмер Матине’ и Мемори кафе обидувајќи се да внесеме музика, интеракција, социјализација, поврзаност и живот во животите на лицата со деменција, но потребно е многу повеќе и многу почесто.

Колку сме блиску до тоа Алцхајмеровата болест да ја дијагностицираме пред човекот да знае дека ја има?
Д-Р НОВОТНИ: Ако претходно ова беше главниот предизвик, сега е реалност. Имаме можност да ја откриеме болеста во мозокот години пред да се појават симптомите, иако сеуште препораките не советуваат поставување на дијагноза на болест кај лица без симптоми. Иднината веројатно ќе не доведе и во вакви, од етички аспект, деликатни ситуации, а предизвикот ќе биде како да се промени текот на болеста преку креирање на индивидуален план за превенција на деменција, зашто и покрај присутната болест во мозокот, стадиумот на деменција може значително да се одложи, а тоа значи години на активен и квалитетен живот.
Ако денес има 50 години, што би му советувале на човекот да направи за да го заштити својот мозок во следните 20 години?
Д-Р НОВОТНИ: Да му подари љубов, во форма на движење, добар сон, здрава храна, чист воздух, дружење, учење, радост. Зголемениот крвен притисок, вискиот шеќер и маснотии во крвта, дебелината, депресијата, алкохолот, цигарите, сите заедно го нарушуваат мозочното здравје и ја отвораат вратата за деменција. Мозокот се сака и се чува со секојдневни, мали, паметни избори. Не постои и веројатно нема ниту да постои еден лек кој ќе успее сето ова да го надомести, а треба да почнеме рано, уште во младоста за да инвестираме во квалитетен живот во длабока старост.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива

Македонски

