
Борбата против трговијата со дрога мора да опфати и следење на финансиските текови и одземање на имотот стекнат со криминал, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тошковски ова го истакнал на средбата со регионалниот претставник на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC/УНОДС) за Југоисточна Европа, Данило Рици.
Целта не е само да ја откриеме дрогата и сторителите. Мора да ги следиме парите, да го откриваме и одземаме имотот стекнат со криминал и да ги користиме сите законски механизми што ни стојат на располагање – пишува Тошковски во објава на МВР.
На средбата биле разгледани можностите за унапредување на пристапот во борбата против недозволената трговија со дрога преку користење на меѓународни искуства, експертска поддршка и подобра координација меѓу институциите.
Според Тошковски, ефикасното справување со трговијата со дрога бара силни институции, добро обучени полициски службеници и истражители, како и современи истражни капацитети.
– За нас е значајна соработката со УНОДС, особено во делот на истрагите, финансиските текови поврзани со криминалот и одземањето на незаконски стекнатиот имот – истакнал министерот.
На состанокот била поздравена и поддршката што УНОДС, во партнерство со Амбасадата на САД, ја обезбедува за спроведувањето на Националната стратегија за дроги.
Како дел од таа соработка, во наредните четири дена во Полициската академија ќе се одржи специјализирана обука за истраги поврзани со дрога. Фокусот ќе биде ставен на финансиските истраги, одземањето имот и примената на посебни истражни техники.
Регионалниот претставник на УНОДС, Данило Рици, ги претставил тековните проектни активности на организацијата и оценил дека Министерството за внатрешни работи е значаен и кредибилен партнер во реализацијата на заедничките проекти во регионот.

Македонски


