
Во Општинското основно училиште (ООУ) „Димитар Влахов“-Штип веќе една недела учениците не користат мобилни телефони, во училиштето не внесуваат чипсови, смоки и обоени сокови. Директорот на ООУ „Димитар Влахов“-Штип, Дејан Здравков вели дека одлуката е донесена заедно со родителите уште пред неколку месеци, и тоа пред крајот на претходната учебна година.
Одлуката е донесена на Наставничкиот совет, Училишниот одбор и Советот на родители, со цел поголемо внимание на наставата и создавање поздрави навики кај учениците. Здравков посочува дека исклучок од забраната за телефони имаат само мал број на ученици кои, во договор со родителите, имаат потреба од телефон за да си одат до дома. Во таквите случаи телефоните мора да бидат без интернет поддршка, исклучени и предадени кај класниот раководител веднаш по доаѓањето во училиштето, а може да се подигне по завршувањето на наставата.
Здравков вели дека училиштето воведе и мерки за поздрава исхрана, односно трипати неделно за учениците е обезбедено свежо овошје, а во соработка со пекари е креирано соодветно мени со јогурти, пецива и други оброци. Во училиштето од пијалаци се дозволени вода, млеко и домашни сокови, додека нездравите грицки и обоените сокови се целосно забранети.
Целта е поздрава комуникација без електрични уреди, за да се исфрли зависноста од нив и да се поттикне вистинско дружење и физичка комуникација. Со новите правила, истовремено се стремиме и кон поздрава исхрана кај учениците-вели Здравков.
Тој додава дека мерките кои се воведени се во договорот со родителите, а по една недела даваат и ефект. Во ООУ „Димитар Влахов“ од прво до деветто одделение учат 930 ученици, пренесува МИА.

Македонски


