Skip to main content

За една седмица во Грција 34 нови случаи на вирусот Западен Нил, починаа шест лица

Freepik

Во изминатата седмица, заклучно со вчера претпладне во Грција биле потврдени 34 нови случаи на вирусот Западен Нил, а починаа шест лица, според податоците од неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Вкупниот број заразени од почетокот на оваа вирусна сезона се зголеми на 324, што е и рекорден број случаи во Грција откако Западен Нил започна да се следи во земјата во 2010 година.

Паралелно регистрирани се вкупно 30 смртни случаи кај пациенти со инфекција со вирусот на Западен Нил, сите на возраст од над 65 години, со просечна возраст од 83 години.

Од ЕОДИ соопштија дека од вкупниот број заразени, 217 лица се со симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна парализа), а кај 107 случаи симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.

Од заразените, 68 лица се хоспитализирани, 202 пациенти биле пуштен од болница, а за 23 од случаите не била потребна хоспитализација.

Доколку се анализираат официјалните податоци, најголемиот број од случаите се регистрираните во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а останатите се во регионот Тесалија, во северна и централна Грција, на Пелопонез и на Крит.

Според ЕОДИ, во текот на 2026 година, заклучно со вчера, случаи на инфекција со вирусот на Западен Нил во Грција се регистрирани во 73 општина во земјата и во 22 регионални единици.

Првиот случај на инфекција во Грција за оваа сезона беше регистрирани на почетокот на јули.

Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во земјата во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Најголем број случаи на Западен Нил имаше во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок беше и бројот на починати лица вкупно 51.

Лани, во Грција беа регистрирани 96 случаи, а од Западен Нил починаа девет лица.(МИА)

Поврзани вести